Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Гастарбајтер сака да ја купи куќата и дворот во кој се наоѓа бунарот со топла вода на семејството Давиткови во Черкеско село.
Откако се прошири веста за топлата вода од 86 степени интересот за имотот пораснал, иако семејството со години наназад ја продавало куќата, која се наоѓа во зафрлен дел од селото.
“ Се јавија луѓе кои сакаат да ја купат куќата, најверојатно е заради бунарот со топла вода. Можеби сакаат да прават бања, не знам. Ние сеуште ништо не сме одлучиле што ќе правиме, - вели Александра Вучковска, ќерка на Драгица и Стојан Давиткови.
Четиричленото семејство не ја користи водата за пиење, готвење и миење садови, туку само за капење, бидејќи така им рекле од Центарот за јавно здравје Куманово.
“ Анализите покажаа дека има зголемена матност, висока потрошувачка на калиум перманганат, висока содржина на нитрати, зголемена концентрација на манган и суспендирани материи. Не одговара на законските прописи на вода за пиење. За миење на садови се бара вода со ист квалитет како онаа за пиење“ - вели Мимоза Величковски од Центарот за јавно здравје Куманово.
Бидејќи се работи за приватен бунар, од Центарот за јавно здравје немаат обврска понатаму да го следат квалитетот и температурата на водата во бунарот. Понатамошните испитувања треба да ги иницираат сопствениците на бунарот.