Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Партиите почнаа постапка за избор на кандидати за пратеници.
Од ВМРО - ДПМНЕ велат дека централата од Скопје ќе одлучи кој ќе се најде на листа на пратеници врз основа на повеќе критериуми како што се партиската активност, угледот меѓу граѓаните, спроведени анкети и слично.
Ние припаѓаме на изборна единица 2 во која треба да влезат 20 луѓе. Тука спаѓаат и општините Ѓорче Петров, Гази Баба, Илинден, Куманово, Липково. Изборната листа ќе содржи точно 20 луѓе, е сега колку ќе бидат од Куманово не знаеме. Меѓу нив ќе се најдат и луѓе на нашите коалициони партнери СПМ, ДПСМ, ДОМ и други - изјави Драган Петковски, претседател на ВМРО - ДПМНЕ Куманово.
И од ГРОМ потврдуваат дека процедурата за избор на кандидати за пратеничката листа е почната, а предлозите ќе бидат пратени во централата на партијата.
Во централата ќе се разгледуваат предлозите и ќе биде направена рејтинг листа. Ќе гласа членството од извршниот одбор и од претседателството на партијата. Критериуми се да бидат наши членови, да се познати во своите средини, ќе се води сметка за застапеност на жените и младите - рече Лидија Јовчевска Ивановска, претседател на ГРОМ Куманово.
Се шпекулира дека носител на листата во двојка ќе биде генералниот секретар на ГРОМ Виктор Цветковски.
Од општинската организација на СДСМ, доставиле листа со 78 кандидати за пратеници предложени во месните организации. Најголем број кандидатури добиле високи функционери на општинската организација. Неофицијално СДСМ Куманово ќе добие две пратенички места.