Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Главни во неплаќањето на алиментацијата се татковците, кои прават сè за да не го плаќаат месечниот надомест за издршка на децата или непопуларната „алиментација“. Тоа го прават најчесто луѓе што имаат пари, но не ги исполнуваат обврските
„Со мојот сопруг бевме во брак три години кога ни се роди нашиот син. Детето наполни 2 и пол години, кога тој замина во странство за да се снајде, па да му се придружиме и ние. Најде работа и стан, но најде и друга жена со која почна да живее. Кога престана да контактира со нас, јас решив да се разведам. Поведов судска постапка и детето ми беше доделено на чување, а мојот поранешен сопруг беше задолжен да плаќа издршка. Тогаш почна нашата голгота“. Вака ја почнува својата приказна С.С. (49) од Куманово, која дваесет години се бори за да го оствари правото на алиментација за своето дете, една од многуте родители во земјава, кои се соочуваат со истите проблеми.
Таа ги поминала сите правни процедури што ѝ ги дозволува законот, повела постапка за присилна наплата, кривична постапка за неплатена издршка, a има и правосилна пресуда, но нема начин да го натера поранешниот сопруг да ја исплати издршката, бидејќи тој нема сметка, ни имот на свое име во државата, а надлежниот извршител од Македонија нема ингеренции за наплата во странство.
„Јас знам дека тој таму работи и има можност да ги покрие нашите финансиски побарувања, ама не сака. Судот го осуди со условна казна, го задолжи да плати, но јас немам од каде да го наплатам долгот. Тоа не се пари за мене, туку за заедничкиот син, кој веќе порасна и има потреби за нормален живот и образование. Тој, од негови две години нема контакт со татко си, не го познава. Се откажа од него само за да не плаќа алиментација. Детето никогаш не ја почувствува татковската грижа“, тажна е нашата соговорничка.
Согласно член 179 од Законот за семејството, родителите се должни да ги издржуваат своите малолетни деца, не само до 18 години кога ќе станат полнолетни, туку до навршување 26-годишна возраст, односно до редовното завршување на нивното школување. Неплаќањето издршка, пак, е кривично дело и се казнува – согласно член 202 од КЗ, а предвидува парична казна или казна затвор до една година.
Елизабета Цветковска, адвокатка од Куманово, вели дека во нашата држава, остварувањето на правото на алиментација е регулирано со закон и постои воспоставен систем со кој непречено се остварува, но најчест проблем е неговата имплементација. Од нејзино искуство, голем е процентот на родители што не ја исполнуваат обврската.
„Ова го истакнувам од причина што кога доаѓа странка и бара информација за развод или ве ополномоштува да застапувате, најчесто, доколку не сака да се бори за старателство за децата, првото прашање им е: „А, колку ќе треба да плаќам алиментација? Што да направам за да не плаќам? Нели, ако сум невработен/а, тогаш не може да ми земат пари?“ Сметам дека ваквите перцепции на родителите се погрешни и на штета на децата. Сум имала случаи кога родителот викал, колку и да ме осудат, јас ќе одам да лежам во затвор во К`шање, ама не давам пари“, вели Цветковска.
Кај нас, алиментацијата е задолжителна. Доколку дојде до развод што ќе се реши спогодбено, тогаш двете страни мора да се договорат за износот. И доколку едниот од родителите не бара надомест затоа што не му е потребно тоа, мора да се определи минимален износ со симболична сума.
Одлуката колку ќе изнесува издршката, доколку самите родители не се договорат, ја определува судот, водејќи се од основните елементи од Законот за семејството. Најчесто се определува процент од платата или од приходите од вршењето друга дејност. Судот, при носењето на одлуката, се води од тоа во какви услови живее родителот и дали е работоспособен. Но, праксата покажува дека колку и да му е висината на платата, се досудува паушал во износ од 1.500, 2.000 и 3.000 денари, а ретки се случаите да достигне и 6.000 – и уште поретки, речиси исклучителни 8.000 денари.
„Многу е ретко некој родител да нема да плати алиментација, бидејќи износите се многу мали и се движат околу 3.000 денари. Ако се гледа колку чини претплатата на телефон, регистрацијата на возила и многу други работи што си ги дозволуваат луѓето, овие 50 евра се ништо. Станува збор за луѓе што не сакаат да платат, а возат скапи возила, имаат скапи телефони, создаваат нови семејства, одат на летни одмори, на зимувања, купуваат недвижности и економски се моќни“, вели Билјана Николовска, извршителка од Куманово, која открива дека месечно имаат по 2-3 извршувања на алиментација.
Според неа, родителите што сакаат да ја избегнат обврската, се служат со најразлични манипулации, се консултураат со адвокати и изнаоѓаат „дупки“ во законот. Од оваа пракса не се исклучени ни т.н. „Авганистанци“, кои многу години работеле во американските бази на Ирак и Авганистан, и кои се во добра финансиска состојба.
„Тие најчесто имаат сметки во туѓи држави, како што се Србија, Бугарија и Косово поради близината со нашата држава. Некои имаат двојни државјанства, па парите им се во тамошните банки. Ги знаат законите, затоа велам дека се многу креативни, нема што нема да им текне. Се снаоѓаат, само да најдат начин да го избегнат плаќањето“, објаснува Николовска.
Најчеста причина поради која се избегнува плаќањето алиментација се нарушените односи меѓу поранешните сопружници. Алиментацијата е во полза на децата, но најчесто се уплаќа на сметка на мајката додека децата се малолетни. Многу често, татковците одбиваат да ги дадат парите затоа што сметаат дека ги даваат за личните потреби на поранешната партнерка.
Издршката, за разлика од другите побарувања, нема камата, па така износот е ист и по неколку години, а нема ни надомест за задоцнето плаќање, иако во тој период другиот родител ги издржувал децата и имал дополнителни трошоци. Присилната наплата за алиментацијата може да изнесува и половина од платата, а не една третина, како што е со другите долгови. Овие побарувања не застаруваат, па колку и да се одолжува, на крај мора да се исплати. Правото за извршување присилна наплата може да го искористи и детето откако ќе стане полнолетно.
„Во овие постапки, најдискриминирани се децата. Тие се во замка, бидејќи односите меѓу родителите се нарушени, доведени се во состојба што мора да ја трпат и не се среќни. Ние имаме случаи кога деца со 18 години поднесуваат барања за наплата на алиментација. Родителите, најчесто, ги контактираат и им предлагаат да ги поправат односите, да ги измазнат недоразбирањата, а потоа ги убедуваат да ги повлечат побарувањата и практично ги изигруваат. Овде е многу битен емотивниот момент, ова не се класични облигациони односи меѓу правни лица што имаат побарување“, вели Николовска.
Статистиката покажува дека, во последно време, процентот на разводи се зголемува, причините најчесто се од економска природа, но и од нивото на национална култура, образование, воспитување на новите генерации за вредностите на семејството, а луѓето што се во оваа област, посочуваат дека со овие предизвици тешко се справуваат и самите институции.
„Нашите институции се многу бавни и неподготвени за глобалните промени во нашето општество. Се користат пропусти во законите, правно нерегулирани ситуации, се соочуваме со слаб капацитет на нашиот систем за социјална заштита, нестручни кадри, немаме професионалност во системот на советодавните тимови на центрите за социјална заштита за поддршка на родителите, државата не издвојува доволно средства за овие деца, а некои мерки што ги имавме се популистички нереални за потребите за нормално образование, грижа и развој на едно дете. Во поранешниот систем и во вредностите на државата, семејството имало поголемо значење, иако било традиционално, имало поедноставни механизми за негување на семејните вредности со построги правила и ефикасна реализација. Сега во јавноста постои впечаток дека навистина сме ги изгубиле сите тие вредности, а и во пракса се покажува тоа“, децидна е Цветковска.
Решението на ваквите ситуации, излезот за овие деца и родители, според адвокатката, е тежок и комплексен, но мора да се бара и во персоналните решенија, во личната волја на родителот и неговата совест на одговорност и должност кон своето дете или своите деца да ги издржува, а на тоа тешко може да влијае системот.
Извршителката Николовска, пак, смета дека државата и надлежните институции, ова прашање треба посериозно и построго да го регулираат во Законот за извршување и во други закони за наше дејствување преку нововоспоставени механизми во државата, но и со примена на меѓународна правна помош во друга држава, во постапки кога се извршува алиментација, а сè во интерес на децата.
(Текстот е изработен за порталот јасно.мк. Иницијативата ја спроведува Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во партнерство и со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Активноста е дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на локалните заедници за справување со погрешни информации и родово базирани дезинформации“, кој се имплементира со финансиска поддршка на Данска, Луксембург, Република Кореја и Шведска, во рамки на програмата UNDP Funding Windows).