Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Постојано се подобруваат условите за прифаќање на бегалците, констатираше директорката на Центарот за управување со кризи, Сузана Салиу при денешната посета на општина Куманово.
Салиу заедно со градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски и претставници на повеќе институции разговараше за третман и пружање на помош на бегалците на Табановце. Градоначалникот рече дека ќе помогнат за собирање на смет, обезбедување на чиста вода за пиење и евентуално ако е потребно поставување на монтажни објекти.
Куманово ја изрази својата желба за соработка во овие тешки премрежја, кое не е само македонско, туку е големо искушение за европската заедница. Бегалската криза е проблем кој опфаќа повеќе држави во Европа. Ова е глобален проблем, меѓутоа ние сме транзитна земја, која ги има сите последици од тој транзит на бегалците и сакаме да покажеме хуманост, солидарност. Куманово стои на располагање на ЦУК - изјави Дамјановски.
Салиу рече дека откако е прогласена кризна состојба од 19 август, се следи состојбата со бегалците како во Гевгелија, така и на Табановце. Таа вели дека во Куманово работите околу бегалците течат организирано без некои проблеми.
Во време на кризна состојба никој не смее да биде оставен сам на себе. Ова е време на длабока координација, на голема соработка и мислам дека ние на тоа наидовме кај градоначалникот на Куманово. Тука сме да ги слушнеме проблемите на кои наишол градоначалникот при справување со оваа бегалска криза. Ќе одиме на лице место на терен да се увериме како функционира тој прифатен центар, ако може така да го наречеме - вели Салиу.
Салиу кажа дека сите субјекти кои имале трошоци за справување со бегалците, треба да достават барање кај нив за да бидат надоместени трошоците понатаму од Владата. Рече дека бегалската криза се очекува да потрае и ќе се преземат мерки за заштита на бегалците во зима.