×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Секои избори се ветува стационар за бездомни кучиња во Куманово

    02.02.2024 12:22 | Оливера Пешевска

    Во Куманово се уште нема стационар за згрижување на бездомни кучиња, иако локалните власти, но и политичките партии, во секој изборен циклус ветуваат дека ќе се преземат мерки за решавање на проблемот. 

    Секои избори се ветува стационар за бездомни кучиња во Куманово

    Засега постои само прифатилиште одобрено од Агенцијата за храна и ветирина каде се транспортираат и третираат заловените кучиња.

    Во исто време, општината не спроведува ниту кампањи за вдомување. Иако за првпат е изработена Програма за решавање на проблемот со бездомните кучиња за 2023 - 2025 година која содржи детален план за заловување, сепак ниту со неа не се планираат активности за изградба на стационар или вдомување, туку е предвидена само едукација на јавноста преку медиумите.

    Пред неколку години имало план за изградба на стационар за кучиња во населбата Шупли Камен, во близина на расадникот на ЈП „Чистота и зеленило“, кога се зборувало за инсталирање на 20 до 30 куќарки за кучиња и 5 до 10 карантински боксови. Но, одвоените средства од 1,5 милиони денари подоцна биле пренаменети за изградба на парк за миленичиња.

    Од друга страна, неколку граѓани од Куманово активно и волонтерски се занимаваат со згрижување на бездомни животни во своето слободно време. Се финасираат од донации, најчесто од странци, додека сограѓаните ретко им излегуваат во пресрет и вдомувачите главно се препуштени сами на себе.

    „Јас имам згрижено моментално 4 кучиња и заедно со моите две сега чувам вкупно 6 кучиња. Само за нивно хранење трошам месечно повеќе од 80 килограми храна, но многу вложувам и во лекување на кутрињата затоа што собирам само животни на кои им е неопходна итна помош“, вели Марина Петковска, активистка од Куманово.

    Петковска има пријателка која чува 20-тина кучиња и повеќе од 30 мачки во својата викендица.

    Неколку девојки, кои работат доброволно во пансион, исто така , згрижуваат 20-тина животни, а функционира и приватен пансион на 3 локации во околината. Сите делуваат самостојно и немаат голема меѓусебна соработка.

    Овие згрижувачи одвојуваат значителни финсиски средства, кои вклучуваат и здравствена заштита и лекување. Соработуваат и со ветеринарите во градот, кои им излегуваат во пресрет, па така најчесто им ги наплаќаат само лековите и изведувањето процедура, додека не им тарифираат „работна рака“.

    На животните кои се излечени им наоѓаат дом, најчесто во западноевропските земји. За тоа посредуваат здруженија од Штип и Скопје кои соработуваат со сестрински организации од Англија, Германија, Швајцарија. Посочуват примери кога и животни кои немаат некој екстремитет или се слепи, глуви, боледуваат од дијабетес, кардиоваскулрани или други хронични болести се вдомуваат и таму дожививаат длабока, мирна и спокојна старост, опкружени со љубов и грижа.

    „Кај нас вдомувањето го нема неопходниот интензитет, уште е присутна праксата да се купи куче со педигре. А животните се исти, пружете им љубов, грижа и нега, безмерно ќе ти вратат“, категорична е Марина.

    Но, овие доброволни вдомувачи сметаат дека индивидуалниот пристап не покажува доволно резултати, заради што е потребно институционално залагање и на централно и на локално ниво.

    Неколку пати досега потенцирале дека е неопходно да се воведе ред за условите на пазарот за домашни миленици, како и ригорозно спроведување на обврските на институциите и граѓаните, бидејќи во спротивно тешко дека ќе има долгорочно разрешување на состојбата.

    Најпрвин, се бара строга законска регулатива за комерцијалните одгледувалници, обврска на граѓаните  за чипирање, стерилизација и кастрација на животните, но и проверка на инспекциските служби за условите во кои се вдомуваат животните и за која намена.

    „Треба да се знае кој одгледува и размножува животни, а не да се купуваат на огласи или по допрен глас. Одгледувачот треба да води евиденција за лицата што набавиле миленичиња. Сопствениците, пак треба да ги почитуваат законските прописи, а инспекциските служби доколку најдат нерегуларности да пишуваат строги казни. И за неколку години ќе се види резултатот. Тоа е обемен процес, но не е невозможно“,  потенцира Петковска.

    Таа се надева дека општинската администрација и централната власт конечно ќе увидат дека за решавање на проблемите со бездомни животни потребни се само неколкугодишни вложувања.

    Кога ќе почнат да се гледаат резултатите нема да има потреба од исплата на отштети на граѓани, средства за заловување и третирање на животни. Граѓаните ќе се чувствуваат побезбедни, а тоа би било и за добро на животните.

    Инаку, во последните четири години, според судски решенија, Општина Куманово им исплатила за каснување од куче на оштетени граѓани околу 2.2 милиони денари, или 36 илјади евра, се посочува во извештајот на НВО Инфоцентар.