Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Новата претстава на Кумановскиот театар „Секс и лаги“, премиерно ќе биде изведена во петок на затворањето на Меѓународната театарска манифестација Денови на комедија. Претставата е работена според текст на Марк Камолети, во режија на Драгана Таневска, драматург Симона Тоскиќ, сценографија Крсто Богојевски, костимограф Дарко Илиевски, композитори Бојан Поповски и Огнен Давитковски.
Директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово, Сашо Тодоровски, кажа дека станува збор за интересна претстава, и се надева дека ќе наиде на одличен прием кај публиката.
Актерската екипа ја сочинуваат Марко Трајковиќ, Сања Русевска, Жарко Јовановиќ, Нина Максимова, Александра Михајловска, а во претставата гостуваат актерите Анастасија Величковиќ и Никица Јанковски.
Комедијата е спој меѓу интрига и љубовта, страста и моралот, вистината и лагата. Во неа конфликтот на интереси произнесува чувства, реакции и односи кои ги прават ситуациите комични.
„Направивме одлична претстава, комедија со уметничка вредност. Не е само како забава за публиката, но има и многу убави визуелни решенија, има убави ликови и карактерни ситуации и претставуваа вистински предизвик за екипата“, изјави режисерката Таневска.
Актерите изразија задоволство што имаат можност да играат во претстава под палката на Таневска, затоа што таа дава голема актерска слобода во креирањето на ликовите. Но, сепак, нагласија дека станува збор за тимската работа во која е вложен голем труд и нова енергија, поради што произведе забавна, брза, динамична, интересна претстава.
„Ликот што го играм е Миле Милевски, и што може да се каже за еден лик што се вика така. Миле е жртва во претставата, од него доаѓаат сите тие комични ситуации, тој е моторот кој ја покренува целата ситуација. Млада екипа со одлична енергија на сцена“ истакна актерот Марко Трајковиќ.
Првата реприза на претставата е веќе во сабота на сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ со почеток во 20 часот. Билетите за премиерата се распродадени, а за репризата се продаваа последните места.