Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Членовите на семејството Ангеловски од кумановското село Облавце, живеат во тешкa сиромаштија бидејќи се без работа, а од почетокот на годината им е укината и социјалната помош.
Тие останаа без единствениот приход од 2200 денари затоа што лани на сметката им биле уплатени 6000 денари од продажба на млеко. Според правилата на Министерството за труд и социјална политикa социјална помош корисникот ја губат во времетраење од 6 месеци, поради што на семејството му престојат тешки денови.
„Јас сум болен од астма и постојано сум на лекови. Дваесет години работев како земјоделски техничар во ЗИК, но сега сум без работа и без пари. Додека земавме социјално имаше барем за основните потреби: за леб, сол и лекови, а сега нема за ништо. Позајмуваме од пријатели и роднини, ама тоа треба да се врати- вели разочарано Свето.
Четиричленото семејство живее во мала куќичка со две собички и оскуден мебел, без вода и електрични апарати. Имаат ќерка и син средношколци кои се одлични ученици. Бидејќи средното образование е задолжително, сместени во Ученичкиот дом во Куманово. Тоа е олеснителна околност за родителите, но децата имаат и други потреби.
Минатиот понеделник ги пративме децата во школо со по 100 денари. Кога ја прекинаа наставата во училиштата, ми се јавија и ми рекоа дека немаат пари за автобус да се вратат дома. Среќа што знам еден човек од селото што вози комбе, па му се јавив и го замолив да ги довезе децата за да не останат на улица, а ќе му платам кога ќе имам пари. Селската сиромаштија е најтешка- вели Свето.
Викендов советниците од СДСМ во Оштината Старо Нагоричане, го посетија семјството и однесоа помош во храна, огрев и финасиски сретства.
Ги знаеме проблемите на овие луѓе од порано и затоа се организиравме да помогнеме. Семејствата кои живејат во руралните средини се соочуваат со голема сиромаштија бидејќи ако немаат свое земјиште нема каде да заработат. Многу луѓе во нашата општина имаат слични проблеми и затоа ќе помогнеме секогаш кога е потребно- вели Жаклина Јовановска, претседателка на СДСМ Старо Нагоричане.
Помош за ова семејство донираа и Црвениот крст, „Јоцо-турс„ и месарница „МИК Свети Николе„ од Куманово.
Семејството Ангеловски е благодарно и апелира до сите хумани луѓе ако можат да им помогнат да ја поминат зимата, и да ги изведат децата на прав пат и покрај нивната немоќ и тешката матерјална состојба.