Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот Максим Димитривески тврди дека семафорот за спортската сала е набавен за 950 илјади денари, а комплениот систем за медија сервис со дополнителната опрема се купени за 10,5 милиони денари, по обвинувањата на Левица дека е набавен семафор кој е десет пати поскап од тие што се во салите каде што се играат натпревари од НБА лигата.
„Тоа што одредени квази новинари по нарачка ја изнесоа во јавност и спинуваа информација дека е набавен семафор, а всушност е набавен цел комплет систем на медија сервис, како што се прави во сите современи држави, тоа е веќе нешто друго. Семафорот кој ќе се вгради во нашата спортска сала, кој емитува резултат со сите услуги чини 950 илјади денари. Мултимедијалниот четворостран семафор веќе е вграден и инсталиран со придружна и дополнителна опрема чини 10,5 милиони денари“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски, на новинарско прашање на Кумановоњуз, во врска со набавката на новиот семафор и реакциите на јавноста дека е прескап.
Тој вели дека цената за комплетната реконструкција согласно претпресметките од 2018 година е над 6,5 милиони евра, а досега ка Општината има потрошено помалку од 2 милиони евра, а повеќе од 80 проценти работата е веќе завршена.
Димитриевки тврди дека такви семафори има во салите Борис Трајковски и Јане Сандански, кои биле поскапи.
„Според мои информации најмалку два до три пати поскапи се од цената за која што овој семафор е набавен, а истиот е согласно сите ФИБА стандарди со сета комплетна пратечка опрема. На самиот семафор е инсталирана платформа со тежина од приближно два тона, со пристапни скали и анализа на статика на објектот“, кажа Димитриевски.
Тој ги повика медиумите да ги проверат информациите, а Кумановоњуз го обвини затоа што ја објави информацијата.
„Веруваме дека барем сериозните медиуми нема да потпаднат на вакви шпекулации. Каде меѓу тие, вие како медиум се позиционирате затоа што меѓу први ги објавивте овие информации врз база на шпекулации, но тоа е веќе ваша работа“, констатира Максим Димитриевски.
Информацијата дека е набавен семафор кој е десет пати поскап од тие што се во салите каде што се играат натпревари од НБА лигата и побара одговорност од Димитриевски, беше на партијата Левица. По ова следуваа лавина на коментари дека семафорот е претплатен, кога во градот нема друга спортска инфраструктура, како и средства за клубовите да ги започнат натпреврувањата.