Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Некои луѓе при изборот на професија се раководат од финансискиот момент, а други се определуваат за она што навистина им се допаѓа и навистина им претставува задоволство тоа што го работата.
Ги прашавме кумановци дали си ја сакаат работата или работат за да земат плата и да си обезбедат егзистенција. Повеќето од нив потврдуваат дека ја сакаат својата професија и работат со ентузијазам.
Емилија Цаневска, диспечерка во такси компанија
Работам како диспечерка веќе 3 години. Си ја сакам работата, динамично е, постојано сум под адреналин, никогаш не е здодевно. Моето образование е сосема различно од она што го работам. Имам завршено средно економско училиште. Ако човек не ја сака работата, подобро дома нека седи, нека не оди на работа.
Лозанка Симоновска, воспитувачка во градинката “Ангел Шајче“
Мојата професија се состои во непосредна воспитно - образовна дејност со децата од градинка, нивните родители и тимска работа со персоналот во градинка. Работата со децата е хумана и целосно ме исполнува. За да бидам успешна и во чекор со времето јас континуирано се едуцирам. Децата се искрени, спонтани, природни, многу ги сакам и со љубов, одговорност, ентузијазам си ја работам работата. Мојот работен век од 35 години е доволен доказ дека јас ја сакам својата професија и кога би требало повторно да бирам пак би била воспитувач.
Цветанка Арсиќ, советник во Општина Куманово
Веќе една година сум во одделението за заштита на животната средина. Сите работни обврски носат голема одговорност затоа што ги опфаќаме сите три сегменти, вода воздух и почва. Јас сум дипломиран земјоделски инженер, ова работно место е соодветно на мојата професија. Оваа работа ја работам, бидејќи ја сакам. Ако човек си ја сака работата тој ќе може да ги исполни барањата, да одговори на потребите на општината.
Оливер Митов, правник во НРЦ
Професијата е соодветна на моето образование. Јас сум дипломиран правник со положен правосуден испит, ги исполнувам условите за ова работно место, за давање на бесплатна правна помош. До мај месец ќе се навршат две години како сум вработен овде. Важно е човек да си ја сака професијата, ама условите во Македонија се такви што се е индивидуално. Некогаш имате среќа тоа да ви се поклопи, некогаш не. Претходно каде што сум работел со истите квалификации не сум бил задоволен од односот кој го имале кон мене. Кај нас има електро инженери кои се библиотекари, градежни инженери како сметководители работат. Професионалниот живот не може да се предвиди кај нас.
Драган Чунгурски, советник во Општина Куманово
Заштитата на животната средина има широк дијапазон на работа. Јас сум магистер на агрономски науки и тоа е доста блиско во делот на екологијата. Оваа работа е креативна и затоа сум се нафатил да ја работам. Еден работен ден е доста активен, издаваме дозволи, правиме планови, стратегии, тоа се законски обврски. На кого не му е предизвик да живее во чиста околина? Нашите деца дома да ги учиме како и каде да го фрлаат ѓубрето, како да одржуваат хигиена, оваа професија има практичен дел.
Милена Митковска, музички педагог во градинката “Ангел Шајче“
Како дипломиран музичар, работам во својата професија во градинката “Ангел Шајче“. Музиката оплеменува и преку неа настојувам децата да бидат среќни, разиграни, распеани, весели, и со тоа придонесувам нивниот развој да биде попријатен. Ја сакам професијата, музиката ме исполнува, ме прави среќна.