Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановскиот театар синоќа премиерно ја изведе претставата „Црвенкапа“ во режија на Бојана Краљевска.
Драматизацијата е на Сашо Костовски, а музиката е на Јован Цветковиќ. Во претставата играат Александра Михајловска, Никица Јанковски, Матеј Стојковски, Владанка Крстевска и Анастасија Величковиќ.
„Надвор од приказната за „Црвенкапа“ која секое дете ја знае, важно е што се обидуваме да ги едуцираме децата за тоа како се подготвува театарска претстава. Воедно твориме за омилената публика - чисти души кои ја пијат претставата“, потенцираше режисерот Бојана Краљевска.
Младиот актер Никица Јовановски е уверен дека претставата е повеќе од одлична, затоа што целата екипа го дала својот максимумот за да изгледа онака како што е замислена.
„Јас го играм ликот на волкот - олицветворение на дволичноста, подлоста. Ова е приказна со која секое дете има заспиено. Затоа е битна приказната, бидејќи децата учат да се поистоветуваат со ликовите и патем сфаќаат дека ништо не е лесно, не можеме да поминеме низ животот непрелажани“, истакна Јовановски.
Претставата се подготвувала два месеци, а се очекува долго да трае.
„Имаме млада театарска екипа која вложи се од себе за да излезе ова претстава како што треба и сигурен сум дека ќе има одзив кај публиката. Ја поставивме на малата сцена затоа што очекуваме да има многу репризи и во зимскиот период, па верувам дека сите заинтересирани ќе имаат можност да ја погледнат“, кажа Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура.
Сите се сложуваат дека е особено интересно и благодарно да се работи за најмалите, бидејќи тие се најискрената и верна публика.
Преставата „Црвенкапа“ е проект на Центарот за култура, помогната од Министерството за култура.