Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лажни се пријавите за поставени бомби во основни и средни училишта во земјава, соопштува МВР.
Повеќе од 240 основни и средни училишта во државава утрово на своите електронски пошти добиле дојави за подметнати бомби во објектите. Полицијата веднаш реагирала, разговарале со директорите, извршиле проверка на објектите и е констатирано дека сите дојави за подметнати експлозивни направи биле лажни.
„Припадниците на МВР во текот на денов ги завршија сите потребни контроли и проверки по однос на мноштвото електронски дојави за наводно поставени експлозивни направи во многу основни и средни училишта во државава, при што е констатирано дека во сите случаи станува збор за лажни пријави. Министерството ја информира јавноста дека во насока на ефикасно, планско и координирано делување а по утринските пријави за упатени закани по електронски пат беше формиран и оперативен штаб и беа ангажирани сите надлежни и стручни полициски служби. Министерството уште еднаш апелира до граѓаните за избегнување од секакви дезинформации и шпекулации по однос на оваа појава“, велат од МВР.
Во Куманово дојави за бомби добиле основните училишта: „Магдалена Антова“, „11 Октомври“, „ Сами Фрашери“, „Христијан Карпош“ во населбата Перо Чичо, како и во подрачното во селото Пуковско, „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, „Карпош“ во Умин дол и „Јероним де Рада“ во селото Черкезе. Под закана бил и Регионалниот центар „Киро Бурназ“ кој е под надлежност на Министерството за образование и наука.