Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Нови 54 вработувања се предвидени во годишниот план за вработување во 2021 година на ЈП „Водовод“ – Куманово.
Советниците од опозицијата сметаат дека вработувањата се партиски и во функција на престојните локални избори, бидејќи планот за вработување бил донесен на крајот на минатата година, а сега се прави негова измена и дополна.
Советничката Анета Шандева Доневска од ВМРО-ДПМНЕ, праша дали претпријатието има капацитет и потреба од нови вработувања.
„За какви работни места станува збор. Дали со оваа бројка нема да биде товар за истото. Колку вработени има во претпријатиоето и колку се на неопределено време, а колку преку Агенцијата за времени вработувања, бидејќи во извештајот има повеќе бројки“, праша Шандева Доневска.
Директорот на ЈП „Водовод“ Горан Стојковски, негираше дека се работи за партиски вработувања, туку тврдеше дека станува збор за вработување на 38 работници во оперативно техничката служба, кои се неопходни за извршување на работните задачи на терен и со години наназад работат во претпријатието.
„Од оние 54 кои се спомнати ние имаме потреба од 38. Не се работи за предизборни вработувања, туку напротив. Вработуваме само таму каде што имаме реална потреба и тоа на оние позиција како што се општи комунални работници, одржувачи на водоводна мрежа, инакасатори, водоинсталатери, тесари и зидари. За да дојдеме до овие вработувања укинавме работни места, кои што според нашата управа беа непотребни. Освен овие вработувања имаме еден електро инжинер во Фабриката за преработка на вода, кој ни е многу потребен и еден соработник во Одделението за јавни набавки, со Економски факултет“, - одговори директорот Стојковски, кој кажа дека во однос на пред десетина години бројот на вработени е намален за 50.
Во ЈП „Водовод“ има 205 вработени на неопределено време и 38 преку Агенција за привремени вработувања.
(С.Н.)