Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По повод Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа - 9 Мај, Европско движење на Република Македонија - огранок Куманово и Секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции при општината Куманово, одржаа панел дискусија на тема „ Регионалната политика како можност за развој на Р Македонија“.
Во дискусијата учествуваа Емануел Гинеф – претставник на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Димитар Мирчев – претставник на ЕДРМ, Горан Митевски - раководител на Сектор за меѓународна соработка и евроинтеграции на Општина Куманово и Златко Атанасов, претставник од Секретаријатот за Европски Прашања при Владата.
Во Република Македонија имаме нерамномерна развиеност на регионите што делумно е последица на наследената индустриска структура од минатото, но во најголем дел е последица на неправичната владина политика, особено во делот на недоволна вклученост на Североисточниот плански регион на кој припаѓа и Општина Куманово во најголемиот дел значајни инфраструктурни и инвестициони проекти, но и во делот на слабата институционална поддршка и недоволниот дијалог. Анализата направена за потребите на Стратегијата за регионален развој на Република Македонија 2009-2019 покажува несоодветен и несразмерен економски развој на планските региони меѓу кои Североисточниот плански регион се карактеризира со најголемо заостанување. За таа цел потребни се мерки и активности, за прецизно дефинирање на приоритетите на регионалната политика во Република Македонија, која ќе обезбеди рамномерен развој на планските региони на подолг рок. Истото бара координација на политиките, стратегиите, проектните активности и акционите планови на хоризонтално и вертикално ниво, но и соработка на институциите на национално ниво со институциите на регионално и локално ниво. Многу важна претпоставка за успешна имплементација на регионалната политика на долг рок е несебичната и правична прераспределба на средствата од буџетот за важни инфраструктурни и инвестициски проекти. Со оглед на пристапноста кон фондовите на Европската Унија, следењето на истите, а особено на ИПА компонентите во кои голем дел од приоритетите го имаат атрибутот на регионалниот развој треба да биде значајна претпоставка за успешна реализација на проектите. Особено значајно за Североисточниот плански регион преставува оптимално искористување на фондовите предвидени за прекугранична соработка, а во функција на поширока регионална соработка за која цел се потребни координирани напори на сите засегнати субјекти и соодветна институционална поддршка на национално и локално ниво. Без конструктивна соработка и дијалог на властите на сите нивоа не може да се очекува политиките за рамномерен регионален развој да ги остварат своите цели, што директно може да ги девалвира напорите на Република Македонија да се приклучи кон Европското семејство кадешто рамномерниот развој во функција на благосостојба и социјална кохезија на сите граѓани е еден од основните постулати-изјави во своето излагање Митевски.