Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановци се револтирани, затоа што секојдневно газат по кучешки измет на јавните површини, особено во парковите, кејот, плоштадот, зелените површини, а исто така и околу градинките и училиштата.
Иако сопствениците се должни да чистат по своите миленици, ретки се оние што со себе носат ќесе и лопатка кога ги шетаат своите миленичиња. И додека повозрасните внимаваат каде газат, децата кои се играат на зелените површини редовно се валкаат во кучешки имет.
„Многу ретко се случува да видите некој со ќеса во рака како го собира изметот од кучето, додека го шета по јавните површини. Поради тоа честопати се случува по улиците да се шири непријатна миризба или, пак, детето од паркот или кејот да се врати со измет на патиките. Немам ништо против да се шетаат домашните миленици, но сопствениците како што се одговорни за животните така треба да внимаваат и на околината“, вели повозрасна жена, која живее во близина на Кејот.
Граѓаните се жалат дека валканици има на речиси сите јавните површини, па дури и во влезовите на зграда, по лифтовите, околу столбовите на куќите, а најмногу во грмушките на парковите. Изметот на животните може да биде заразен и да предизвика разни болести.
Од ЈП „Чистота и зеленило“ кои ги одржуваат зеленилото во градот велат дека насекаде има кучешкиот измет, па затоа апелираат граѓаните да бидат одговорни и совесни, да собираат по своите миленици и да го фрлаат во кантите, кои секојдневно се празнат од страна на екипите на терен.
„Се соочуваме со проблеми во работењето и расчистувањето на изметот од кучињата, посебно на јавно прометните површини, парковите, градскиот кеј, на плоштадот каде што фрекфренција на луѓето е поголема и каде што вообичаено ги шетаат кучињата. Ние при секое чистење го отстрануваме изметот од домашни миленици. Општина Куманово минатата година има изградено парк за миленици којшто го одржува ЈП „Чистота и зеленило“, веќе од пролет планираме да направиме хортикултурно уредување и повторно средување на тој дел од градот, на паркот, за да можат граѓаните да ги шетаат своите миленици“, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
За разлика од повеќето неодговорни сопственици, Горан П. кој со години има свое милениче, редовно се придржува до свите обврски и остро ги критикува несовесните граѓани.
„Го шетам моето куче во вечерните часови, баш тука на кејот, во паркот подолу, бидејќи мора да ја истроши неговата енергија. Но, како што ми е обврска да го изведам надвор, обврска ми е да го исчистам тоа што ќе го остави зад себе. Секогаш носам ќеса и го фрлам во поставените канти. Свесен сум дека мора да сносиме одговорност, но и да придонесеме за зачувување на животната средина“, објаснува тој.
Законот за јавна чистота предвидува парична казна од 50 евра за сите коишто нема да го соберат изметот од својот миленик, но досега никој не е казнет.
И покрај честите поплаки на социјалните мрежи и до медиумите, сепак од Секторот за инспекциски надзор, комунална инспекција велат дека тие немаат добиено ни една пријава од страна на граѓаните, ниту пак имаат досега напишано казна за овој прекршок.