Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сопствениците на 13 книжарници во Куманово протестираа поради владината одлука за намалување на продажните маржи на училишниот прибор за 10 отсто во малопродажба.
„Во пазарна економија никој не може да ограничи со каква маржа ќе работиме, посебно не приватниот сектор. Стоката е набавена порано од воведувањето на мерката, плаќаме кирија, вработени, придонеси, даноци и секој си ја знае математиката“, истакна сопственик на книжарница.
Тој вели дека на почетокот на септември обртот и заработувачката се значајно поголеми, но пак за месеците во текот на распустите ги покриваат загубите токму од она што ќе го печалат во овој период. Имаат и конкуренција- се продаваат тетратки, блокови, прибори, боици во маркети за широка потрошувачка.
Граѓаните оценуваат дека е задоцнет овој потег, најголемиот метеж беше пред почетокот на учебната година, а посебно во понеделник кога децата тргнаа на училиште. Дел од нив не се целосно подготвени за на училиште, но не се загрижени дали навреме ќе се снабдат со се што е потребно.
„Досега немаме ништо купено, ги пратив на училиште со она што го имав од лани. Имам направено список, прилично обемен и денеска планирав да ја завршам таа обврска. Ќе се снајдеме, има и доволно време и доволно места за пазарење“, објаснува Сања, мајка на два основци.
На 17-та седница на Владата, на предлог на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, беше усвоена одлуката која се однесува на замрзнување на цените на училишните продукти во период од 03 септември до 20 октомври.