Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците од позицијата и опозицијата на последната седница побараа од Општината и ЈП „Куманово-паркинг“ да ги зголемат паркинг местата во градот и да ја прошират Б зоната, којашто со години наназад се најавува.
Тие сметаат дека со тоа ќе се намали узурпацијата на јавниот простор и ќе се подобри работата на јавното претпријатие. Втората зона ги опфаќа улиците „Октомвриска Револуција“, „Доне Божинов“, „Братство Единство“, „11 Октомври“ и „Трета МУБ“.
„Она што јас сакам да прашам дали можете да обележите нови паркинг места и граѓаните да имаат бенифит од вашето работење. Тогаш, пајак службата ќе работи помалку, а граѓаните ќе имаат соодветни места каде што ќе можат да се паркираат и регуларно да платат за таа услуга. Дали во наредниот период раководството на претпријатието размислува и во кој период ќе обезбеди нови паркинг места и ќе ја дооформи зоната Б, за да се овозможи нормално движење низ градот и ослободување на пешачките патеки“, побара советничката на СДСМ, Соња Тодоровска.
Невена Величковска од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека треба да се поддржи иницијативата за нови паркинг места, а во однос на потребата од зона Б таа смета дека на градот му се неопходни катни гаражи, кои беа ветени во предизборната кампања.
Нејзиниот колега Сашо Стошевски имаше забелешки на работата на пајак службата, која во соработка со МВР во попладневните часови ги подига возилата на граѓаните, како што тоа неодамна го направи на потегот од Жмара до Мај Маркет, иако тука возилата се паркираат 20 години наназад.
„Прво требаше да го обележите паркинг просторот, да ја направите ја таа фамозна втора зона, која ја ветувате веќе 6-7 години, па дури тогаш да ги подигате возилата. Граѓаните имаат реален проблем, немаат кај да ги паркираат возилата пред зградите“, изјави Стошевски.
Советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите, побара до крајот на мандатот овој советнички состав да донесе одлука за проширување на зоните за паркирање.
„Со тоа ние ќе обезбедиме стабилизација на јавното претпријатије, но и подобрување на условите за паркирање и зголемување на проточноста на сообраќајот на местата каде што најчесто се случува тоа. Сакам да предложам на првата наредна седница, врз основа податоците од извештајот, Советот да донесе заклучок и да го задолжиме ЈП „Куманово - план“ да изготви проект за новите паркинг зони. Овој состав на Советот треба да ја заврши оваа работа и не треба да му ја предаде на некој нареден состав“, кажа Андоновски.
Директорот на ЈП „Куманово-паркинг“ Фадиљ Шабани, одговори дека зоната Б ќе почне да функционира тогаш кога советници ќе донесат одлука за тоа. Тој објасни дека менаџерски тим уште во 2019 година поднел барање до Општината за изготвување на проекти за паркинзи во зоната Б, поточно на ул. 11 Октомври, на улицата „Тодор Велков“, кај ОУ „11 Октомври“, ЕВН, поранешен „Житомел“, на ул. „Братство Единство“, кај Градскиот стадион и пред Автобуската станица.
„Имаме и други проекти пред изготвување, а имаме и контакти со граѓаните заради уредување на паркинг зони пред нивните згради, како што е случајот со булеварот „Октомвриска револуција“. Ние во моментот не сме во финансиска можност сами да ја започнеме таа работа, но со помош на Советот и на Општината лесно ќе ја реализираме“, изјави Шабани.
Втората зона прави круг околу центалното градско подрачје, се однесува на двата булевари и главните сообраќајници во градот, од Противпожарниот дом до Автобуската станица и на раскрсницата кај тениските игралишта. Во оваа зона спаѓаат и паркингот кај Градскиот базен.
Во втората зона цената е 25 денари за час, а дневната карта ќе чини 170 денари. Месечната карта за физички лица е 800 денари, а за правни лица 1200 денари. За станарите е 400 денари.
(С.Н.)