Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците на коалицијата на СДСМ вчера ја напуштија седницата на Совет на Општина Куманово, затоа што не сакаа да учествуваат во носењето на одлуката за укинување на имиња на улици со нумерација на објекти во Општина Куманово.
Тие сметаат дека одлуката е незаконска и непотребна, бидејќи на претходната седница била изгласана согласност за смена на броевите на улиците, што значи дека по автоматизам се поништува претходната одлука, поради што нелогично е носење на одлука со која повторно се поништува старата нумерација.
Новата нумерација се однесува на улици за новата населба со стамбени објекти, во Урбаната единица Проевце, поточно на булеварот Трета МУБ зад бензиската станица, која веќе поминала во Централниот регистер и во МВР.
„Советот усвоил одлука за нови имиња на некои улици, тогаш е беспредметно да носиме дека претходната нумерација не важи. Тоа се подразбира, со носење на одлуката со која се менуваат имињата на улиците, автоматски престанува да важи претходната одлука. Зошто носиме одлука дека не важи одлука која веќе не важи- од моментот кога е донесена одлука за нова нумерација, Централниот регистер со управна постапка ја потврдил дека уште еднаш не важи, сега по трет пат потврдуваме дека не важи“, истакна во дискусијата Атина Мургашанска од СДСМ, која е по професија правник.
Таа потсети дека според Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во член 4 стои дека со одлука на Совет на општината, по објавување во Службен гласник стапува на сила и е важечка, по што старата одлука е неважечка.
Советникот Миле Андоновски, кој исто така е правник потврди дека според Законот за локална самоуправа секоја одлука на советот е важечка со денот на објавување на Службен гласник.
Тие побараа предлогот да биде повлечен и упатија сериозни забелешки до секторот кој го подготвил, правниот сектор кој тоа го прегледал, на лицето кое е на чело на администарцијата и до градоначалникот кој на крај тоа го потпишал документот.
Раководителката на Секторот за комунални работи, Лидија Ланг Спасовска, одби да го повлече предлогот.
„На денешната седница предлагаме да се повлечат од употреба старите броеви со кои биле означени неколку стари, затекнати објекти кои се наоѓале на таа локација. Со донесување на нови броеви на улиците, ние не донесовме одлука за укинување на старите броеви, таму има некои делови кои не се опфатени во планскиот опфат, и да не се преклопуваат имиња на улици зато што тогаш имаме сериозен проблем при издавање на лична документација на граѓаните. Но, ние од Секторот за комунални работи не ја повлекуваме ова одлука“, кажа Ланг Спасовска.
По ова, во знак на револт советничката група на СДСМ и коалицијата ја напушти седницата.
„Ќе ги преземеме сите правни мерки, ќе ја обжалиме одлуката во управна постапка, во Инспекторатот за локална самоуправа, во Управен суд, ако треба и на Врховен суд. И ќе ја напуштиме седницата затоа што не сакаме да учествуваме во вакво незаконие“, кажа Мургашанска, пред да ја напушти салата со своите колеги.
Во одбрана на предлогот застана Гордица Бошковска, исто така правничка, која смета дека донесената одлука е врз основа на која е покрената постапката за измена на имиња на улици, но бидејќи таа постапка тече извесен временски период, сега по нејзино завршување сосема е нормално Советот да донесе одлука со која се укинува претходната.
Советниците не се вратија до крајот на седницата.