Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За парите кои Општината треба да ги исплати на приватни лица врз основа на судски пресуди од 2012 година, денеска расправаа советниците и донесоа заклучок со кој градоначалникот и општинската администрација треба да ги искористат сите законски и вонредни мерки за да се надмине овој проблем.
За заклучокот 17 советника гласа за, 11 воздржани и 3 гласа против.
Во текот на расправата која траеше шест часа, советниците од коалицијата “За подобра Македонија„ прашуваа зошто толку долго се чекало и зошто не се презеле мерки за ублажување на пресудите или нивно плаќање кога сумите биле помали.
Градоначалникот го доживувам како кумановски Робин Худ, бидејќи се претставува како жртва, а за сите негови неуспеси ја криви Владата или ВМРО-ДПМНЕ.Мислам дека оваа пресуда на градоначалникот му дојде како кец на десетка, за да може сега пред изборите во медиумите да изјавува дека оваа пресуда е кочница за развој на градот.Затоа го повикувам градоначалникот на најде начин и да ги реши проблемите онака како што заслужуваат граѓаните на Куманово- изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Бобан Николовски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски објасни дека консултирал правни експерти и сите му потврдиле дека пресудата која тежи 1,5 милиони евра за земјиште во населба Зелен Рид е апсурдна и нема законска основа.
Проблемот е во тоа што никој не знае врз основа на што Општината се задолжува, кога никогаш не била корисник, никогаш немала владение и не ја искористила крајната цел. Одлуката е донесена на 6.9.2012 година, а на 20.09.2012 година има промена на имотен лист за истата парцела. Екзекутерите за да си ја покријат одлуката за 8 дена го промениле имотниот лист- тврди Дамјановски.
На забелешките на советниците дека адвокатскиот тим се бира по партиска основа, Дамјановски рече дека правниците се бираат на транспарентен начин.
Адвокатот Драган Петровски што ја застапува Општината е член на СДСМ. Ако вие зборувате за партизирано судство, тогаш објаснете ни како токму човек од вашата партија ја застапува Општината.Тогаш е очигледно дека партизираност има и во Општината-рече Зоран Петрушевски.
Советникот Виктор Цветковски смета дека сеуште не е доцна да се најде решение на проблемот.
Колку што можам да видам од приложената пресуда постапката сеуште не е завршена и покрај тоа што е извршена, но тоа не значи дека вонредните правни лекови не можат да ја преиначат. Пред да се исцрпат сите правни лекови не може да се тврди дека судството не функционира. Знаеме дека извршителите нема веднаш да го блокираат највисокиот орган во локалната самоуправа - изјави Цветковски.
Тој побара да бидат обелоденети хонорарите на адвокатите кои ги изгубиле постапките и праша зошто општината постојано вработува правници, ако мора да плаќа адвокати кои немаат резултати.
Дел од советниците побараа Општината да го смени Деталниот урбанистички план и наместо училиште на спорната парцела да исцрта плацеви кои ќе ги продава на граѓаните и со тоа ќе си врати дел од парите кои ќе се исплатат на поранешните сопственици.