Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советот го прифати предлогот на Општина Куманово да се измени режимот на сообраќај на кракот на Октомвриска револуција, на потегот од Жмара до Мај маркет, од двонасочен во едноснасочен.
Тоа значи дека во иднина ќе биде дозволено движење само во еден правец, од раскрсницата кај Жмара кон поранешната продавница Мај маркет со единствен излез на булеварот.
Предлогот го изготви Секторот за комунални дејности при Општина Куманово, го прифати Комисијата за урбанизам на Советот, а го изгласаа советниците на позицијата со 18 гласа за, опозицијата беше воздржана со шест гласа, а двајца беа против.
Советниците не го прифатија објаснувањето на советникот Сашо Стошевски и реакцијата на дел од станарите дека новото сообраќајно решение ќе го усложни нивното движење и ќе создаде нови проблеми.
„Ќе имаме голем проблем при свртувањето лево на крстосницата за движење кон периферијата на градот. Сите кои сакаат да одат кон населбите Гоце Делчев, Перо Чичо, мораат да го користат кружниот тек и дополнително да го оптоваруваат. Хаос ќе се направи на таа раскрсница. Реално таму во моментот нема проблем, улицата е исчистена од возила и сообраќајот се одвива непречено“, кажа Стошевски.
Советникот Миле Андоновски, смета дека со овој проблем не се засегнати голем број на луѓе, а решението е добро и со него ќе се обезбеди безбедност во сообраќајот.
„Ова се однесува само на неколку згради кои се на челната страна на булеварот на потегот од Д-р Ѓоше до Мај маркет. Реално се работи за мал дел на корисници, кои живеат таму , а би биле засегнати со потребата уште 200 метри повеќе да се движат за да си заминат кон центар на Куманово или да се движат кон Кисела вода“, вели Андоновски.
Раководителката Лидија Ланг Спасовска го бранеше предлогот, дека новото сообраќајно решение нема ништо да смени ниту во возење, ниту во густина во сообраќај, а единствено ќе имало растоварување на сообраќајот.
Таа тврди дека петицијата на граѓаните била од поново време, а пајак службата не можела постојано да дежура на тој потег за да нема паркирани возила.
„Дали сметате дека секогаш пајак службата треба да работи на таа локација и во континуитет да ги казнува и санкционира непрописно паркираните возила“, праша Ланг Спасовска.
Граѓаните сметаат дека работа на пајак службата е да ги подига непрописно паркираните возила во кој било дел од градот, таа всушност и заради тоа и постои, а локалната администрација навремено да ги лоцира и решава проблемите на граѓаните, за да тие не прават петиции за остварување на своите права, кои задоцнето се реализираат. Откако службата за подигање на неправилно паркирани возила е активна на терен се стави ред во паркирањето на оваа улица- она за што граѓаните со години реагираа и бараа да се реши.
„Петицијата беше направен уште минатата година, реакцијата е задоцнета, во меѓувреме се реши проблемот со блокираната улица. Но, надлежните не излегоа на терен да го видат тоа. Сега создадоа нов проблем, прво со неможноста за исклучување од раскрсницата, поради што многумина ќе прават прекршок и ќе вртат полукружно, а второ пак ќе го стимулираат неправилното паркирање на уличката бидејќи едната коловозна лента ќе биде слободна“, вели М.Н., станар во зградата 28 А.
Од новото сообраќајно решение ќе бидат засегнати сопствениците на станови во осум згради со над илјада жители, и другите граѓани кои овде доаѓаат поради стопанските субјекти. Тие сметаат дека ова е подготовка за воведување на зонско паркирање.
(С.Николиќ)