×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Советот на една година го суспендираше ДУП-от кај „Школска амбуланта“, кој го донесе пред 18 месеци

    07.06.2023 08:20 | Сузана Николиќ

     Советот на Општина Куманово го супендираше Деталниот урбанистички план (ДУП) кај „Школска амбуланта“, кој го донесе пред 18 месеци со образложение дека го загрозува јавниот интерес.  

    Советот на една година го суспендираше ДУП-от кај „Школска амбуланта“, кој го донесе пред 18 месеци

    Суспензијата е времена и ќе трае 12 месеци, период во кој треба да се отстранат утврдените забелешки на планот, по што ќе се гласа нов ДУП. Доколку во тој период не се донесе новото урбанистичко решение стариот план останува на сила, а штетите предизвикани од оваа одлука ќе ги понесе општината како предлагач.
      
    Барањето за суспензија на планот го иницирале Гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствениот дом Куманово, по што општината побарано стручно мислење од Комисијата за урбанизам и судскиот вештак Мирослав Грчев, кои потврдиле дека постои штета по јавниот интерес.

    „При спроведување на ДУП-от воочено е дека површината за градба на објект со намена здравство е помала од веќе постоечкиот габарит на објектот, односно самиот објект има нето корисна површина која што е помала од бруто предвидената површина во планот.  Со самото планско решение не е предвиден пристап за амбулантно возило, како и за паркирање. Што се однесува до гимназијата, постои нарушување во однос на објектот што се наоѓа спроти неа во висините. Растојанието помеѓу објектите е многу мало, па објектот кој што е со поголема висина фрла сенка на другиот објект на северната страна. Tретата забелешка е за јавните површини, коловозните ленти и пешачките патеки, кои треба да се прошират на сметка на приватните парцели, а посочено е и дека недостасува зеленило, парк и поплочени површини“, објасни секретарот Александар Гелевски.

    На ова реагираа советниците од опозицијата, кои прашаа како при донесување на ДУП-от на 28 декември 2021 година не биле утврдени овие неправилности за јавниот интерес, а планот се работел 10 години и 4 пати било интервенирано на јавни анкети и забелешките се отстранети во Министерството за транспорт и врски. Тие прашаа кој ќе понесе одговорност поради направените пропусти.  Затоа побараа планот да остане, а да се направат само измени во спорните делови, бидејќи во спротивно општината ќе претрпи големи штети, затоа што нема изгледи дека за една година ќе се донесе новиот план, а инвеститорите веќе имаат изготвени проекти и најавуваат тужби за предизвиканата штета.

    „Со ваква одлука Општина Карпош пред две години сега исплаќа 2,5 милиони евра „Пуцко петрол“, затоа што советот донел такво решение. Со поништување на овој план и ние ќе нанесеме штета на општината, ќе направиме штета на граѓани кои живеат таму и чекаат да си го решат стамбеното прашање. Ќе се поднесе иницијатива за уставноста на оваа постапка, веќе имаме еден случај кој ни ја поништи судот. Само губиме време и создаваме трошоци“, изјави советникот Благојче Јакимовиќ.

    Советникот Миле Андоновски, имаше забелешки во однос на постапката, експертизата и процедурата која се водела од засегнатите субјекти и општината, па се посомнева дека наместо јавениот интерес зад одлуката се крие лична пресметка и ревеншизам на локалната власт со одредени инвеститори, а Советот се злоупотребува и служи како параван да се сокрие намерата.  

    „Можеби се прави обид Советот да се инструментализира за некакви лични пресметки . Мене ми е апсолутно јасно, тоа го имаат кажано и во петицијата што ја имаат доставено инвеститорите,  дека им е важен профитот,  но не ја разбирам нашата потреба да влегуваме во правно неиздржани ујдурми за да на некого да му оспориме веќе стекнато право.  Дали ние треба да дозволиме Советот да се занимава со медијација на лични пресметки“, кажа Андоновски.

    Градоначалникот Максим Димитриевски ги отфрли овие забелешки и ги обвини советниците дека намето интересите на граѓаните штитат поединци и компании кои прават профит.  Дополнително кажа дека на таа локација живеаат функционери кои вршат пристисок ДУП-от да остане, и дека на тој простор треба да се изградат 550 нови станови кои не може да ги издржи постоечката инфраструктура и ќе нема услови за хумано живеење. Најави дека за ова прашање е подготвен да организира референдум за изјаснување на граѓаните, бидејќи нема намера да потпаѓа под туѓи влијанија.

    Дискусијата траеше повеќе од 6 часа, со неколку паузи, за да на крај 17 членови на владејачкото мнозинство предводено од „ За наше Куманово“, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса на Албанците и Беса, гласаа за сиспензијата на планот, додека коалицијата на СДСМ, ДУИ и ГРОМ со 15 гласа беа против таквата одлука.

    Расправата се водеше помеѓу советници од опозицијата Благојче Јакимовиќ, Миле Андоновски и Александар Јовановски од една страна и секретарот на општината Александар Гелевски,  раководителката на секотот за урбанизам Емилија Сларидис - Јаневски и градоначалникот Димитриевски од друга страна, кои го бранеа предлогот. Останатите советниците не се вклучија во расправата, што наиде на прозивки од нивните колеги дека послушно и со наведнати глави извршуваат нечија наредба.

    По донесување на одлуката за суспензија од примена на Детален урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е. ,,Б. С. Гојчо“, дел од Урбан блок 44, плански опфат помеѓу бул. „Трета МУБ“, ул. „Перо Чичо“, ул. „Прва Петолетка“ и ул. „Миле Кипра“ - Општина Куманово, беше донесена одлука и за изработка на нов ДУП на истата локација.