Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Владејачкото мнозинство во Советот на Општина Куманово вчера не даде поддршка на информацијата за работата Полициската станица од Општа надлежност Куманово.
По три часовна жестока расправа, исполнета со препукувања, навреди и политички говори, советниците од коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и Наше Куманово гласаа против, тврдејќи дека немаат комплетна слика за безбедноста во општината.
Советничката на ВМРО-ДПМНЕ Елена Доцевска Божиновска, смета дека извештајот е манипулативен и нецелосен затоа што фали информацијата за состојбата со криминалитетот. Според неа јавноста треба да е знае дали делата се од познат или непознат сторител, на што се должи насилниот криминал и кривичното дело убиство, дали има зголемување на кривичните дела за имотнит деликти, дали има кривични дела за корупција, како што тоа било случај во предходните извештаи.
„Очигледно е дека начинот и концептот на информацијата во еден дел е сменет и тоа не е лошо, меѓутоа да отфрлите еден цел дел што е и тоа како значаен, а се однесува на криминалитетот, за класичен криминал, економски криминал, е малку чудно. Не знам дали тоа е од причина што бројките и показателите се поразителни, па ова е начин да се избегне нивното презентирање и дебата по нив. Друга причина на гледам, посебно што криминалитетот бил составен дел на сите предходни доставени информации на Полициската станица од општа надлежност Куманово на Советот “, кажа Божиновска.
Советникот од Партијата на пензионерите Миле Андоновски, инаку поранешен началник на СВР Куманово, пак, смета дека извештајот е сеопфатен и поткрепен со факти, кои што се потребни за информирање на граѓаните, а не со нив да се прави криминалистичко-разузнавачка или правно-обвинителска стратегија.
„Податоците се соодвени на законот и на обврските на полициската станица. Ништо во овие податоци нема манипулативно, ниту пак е нешто пропуштено. Имено во првиот дел на оваа информација се прикажани податоците за кривичните дела, кои што се гонат по службена должност и они по приватна тужба со конкретни бројки. Добро е што вие конечно го устроивте вашето информирање со законските надлежности. Советот нема надлежност да врши анализа на работењето на СВР Куманово ниту на вашата работа. Вие си имате своја хиерархија, имате одговорност пред нив, ние како советници имаме право на информација, да прашаме и да посочиме на одредени проблеми“, кажа Андоновски.
Информацијата ја бранеше командирката на Полициска станица од Општа надлежност Куманово Зорица Вукановиќ, која објасни дека извештајот го покрива делокругот на нивното работење, а тоа е јавен ред и мир и безбедноста на сообраќајот на патиштата, додека за областите кои ги бараат советниците не се надлежни.
„На подрачјето на Општина Куманово во текот на 2022 година пријавени се 1.065 кривични дела, кои се гонат по службена должност, што е за 11,4 отсто помалку во однос на предходната година кога се регистрирани 1.202. Кривични дела кои се гонат по приватна тужба се 799, а во 2021 година биле 752. Во однос на сообраќајните незгоди има зголемување за 0,77 проценти, односно се случиле 394 сообраќајни незгоди, додека годината претходно имало 391. Во сообраќајните незгоди загинале 8 лица, пет се пешаци, еден велосипедист, еден возач и еден патник во возило. Со тешки телесни повреди се здобиле 44 лица, со телесни повреди 211 и со матерјална штета 131“, кажа Вукановиќ.
Во однос на нарушувањето на јавниот ред и мир во 2022 година имало евидентирано 490 пријави, а во 2021 година 531.
„Притоа не се регистрирани нарушувања од поголем обем и прекршоци со национална мотивираност и нетрпеливост на поединци и групи. Согледувајќи ги овие параметри кои се клучни за оценување на безбедносната состојба на нашето подрачје, можеме слободно да кажеме дека безбедносната состојба на подрачје на општина Куманово е стабилна и поволна, без индиции за нејзина промена и гарантира безбедност на сите граѓани“, рече Вукановиќ.
Минатата година имало 1950 поплаки од граѓани, 495 наредби за постапување од Основен суд во Куманово, приведени се 349 лица, 483 се спроведени, на разговор се повикани 632 лица, извршени се 23 контроли во угостителски објекти и 20 полициски асистенции.
Во областа на сообраќајот поведени се 339 постапки, имало 40 пријави од граѓани каснати од кучиња скитници, а во 2021 само 16 пријави, поради што командирката упати апел да се поработи на решавање на овој проблем.
Градоначалникот Максим Димитриевски, ја обвини полицијата за селективност при казнување на возачите, непостапување, како и за самоволие и непочитување на локалните институции. Поради тоа побара во следниот извештај да има информација на кои локации се вршат сообраќајните контроли и колку казни се пишани.