×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ќе немавме ваков проблем ако Општината изградеше нови градинки, вели Алексовска, откако советот не прифати да се запишуваат повеќе деца од предвиденото

    19.07.2023 16:22 | Оливера Пешевска

    Мнозинството во Советот на Општина Куманово не даде согласнот да се запишат поголем број на деца во градинките во Куманово, со цел да се покаже дека директорката е лош менаџер а не затоа што нема интерес за запишување на деца, кажа директорката Марина Алексовска на денешната прес-конференција, откако на претпоследната седница не и беше усвоен предлогот за запишување на поголем број на деца во воспитните групи во установата.

    Ќе немавме ваков проблем ако Општината изградеше нови градинки, вели Алексовска, откако советот не прифати да се запишуваат повеќе деца од предвиденото

    Таа вели дека интересот и потребите на граѓаните за згрижување на нивните деца во градинката е огромен, но дека тие не можат да работат спротивно на одлуката и да вршат упис на нови деца.
     
    „Би сакала да нагласам дека ова недавање согласност ќе има лоша рефлексија кај сите оние кои што имаат потреба да ги запишат своите деца во градинката. Ова значи дека со недобивање согласност за новозапишани деца од 1 септември, во летниот период нема да има потреба да заседава комисијата за прием на деца, бидејќи според одлуката што ја донесоа советниците не може да биде примено ниту едно ново дете“, изјави Алексовска.

    Директорката, вели дека досега, секоја година добивале согласност за запишување на поголем број на деца и немале проблеми, бидејќи никогаш не бил исполнет целокупниот проектиран капацитет, поради отсуство на децата.

    „Обично од вкупниот број запишани деца, дневно присуствуваат од 40 до 70 отсто. Ваквиот процент на дневна присутност од сите запишани деца се однесува не само на нашата градинка, туку и на сите други градинки во целата држава“, истакна Алексовска.   

    Таа го обвини градоначалникот Максим Димитриевски дека доколку ги исполнел предизборните ветувања и изградел три градинки како што ветил, тие ќе немале потреба да запишуваат повеќе деца од предвиденото и листата на чекање немало да биде толку долга.

    „Да потсетам дека уште во предизборната кампања за првиот мандат градоначалникот Максим Димитриевски зборуваше дека во мандатите на претходните градоначалници не била изградена ниту една нова градинка и дека тој ќе изгради доколку граѓаните му ја дадат довербата. И вториот мандат тече, нова градинка ниту на повидок. Ќе бев среќна ако изградеше барем една градинка, во интерес на граѓаните, за кои секојдневно изјавува дека целосно е посветен на нив и нивните барања и потреби“, заврши Алексовска.

    Во Кумановската градинка запишани се 1.676 деца, а над 600 се на листата на чекање.