Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со 22 гласа „за“ и 7 „против“, советниците во Советот на Општина Куманово дадоа согласност на Детската градинка„ Ангел Шајче“ да прими поголем број на деца во воспитните групи од предвиденото.
По бурната расправија и меѓусебните обвинувања од двете страни кој е во право а кој не, сепак советниците одлучија да гласаат во корист на барањето на установата и да се овозможи запишување на деца над проектираниот капацитет. Ова практично значи дека од утре градинката ќе може да врши упис на нови дечиња, со што заврши скоро двомесечната неизвесност за родителите околу згрижување на нивните деца додека се на работа.
Советот на Општина Куманово на 26-та седница, која се одржа во јули, не даде поддршка на предлогот на градинката да се запишуваат деца над проектираниот капацитет, иако тоа се правело во минатото, со образложение дека со преголемиот број на деца нема услови за квалитетно згрижување на децата.
Советниците од опозицијата ја обвинија општинската администрација дека не ги изградила градинките што ги вети во предизборната програма, а дополнително не соработува со Министерство за труд и социјална политика, кое има издвоено средства за изградба на градинки во Куманово, и тоа во населбите „Бајрам Шабани“ и „Перо Чичо“, и само се чека на проекти од општината која намерно не ги изработува.
„Средства од министерството нема, ова е официјален одговор доставен до Општина Куманово кој стигна од Министерството за труд и социјална политика. На нашето барање да влеземе во годишната програма на ресорното министерство за финансирање на два капитални објекти добивме негативен одговор. Локацијата во Банево Трло никогаш не била предмет на разгледување, бидејќи е локација која е во приватна сопственост. Локацијата во Бајрам Шабани е вцртана, потребно е дооформување на урбанистичката парцела за која во континуитет не добиваме согласност од Министерството за образование и наука, бидејќи до самата маркица е сместен објект од образование. Локацијата во населбата Карпош, пак, е во сопственост на државата, а и капиталните инвестиции се на државата. Не е моја вина што Општина Куманово нема Генерален урбанистички план. Најбитно е тоа што во 21-ви век можеш да запишеш дете на факултет, но не можеш да запишеш во детска градинка, а зборуваме за социјална и солидарна држава“, истакна на расправата градоначалникот Максим Димитриевски.
Одлуката за запишување на деца над проектираниот капацитет останува на Советот на општината, без разлика под чии ингеренции е институцијата Детска градинка „Ангел Шајче“, како и изградбата на нови капацитети за згрижување на деца.
„Од Министерството за труд и социјална политика е укажано дека за Центарот за детско творештво -Пионерски дом треба да се изготви проектна документација за да се одобрат средства за негова реконструкција и преадаптирање во детска градинка. Мерењата и премерите се направени уште во 2018 година, јас лично бев на лице место со тогашниот директор на „Куманово-план“. Но, за жал,се уште нема изготвено проектна документација. Градинката нема средства за изградба на нови објекти, но во годишната програма секогаш даваме предлог на кои локации имаме потреба за изградба на нови градинки. Ние како установа немаме средства, можности ниту пак обврска, тоа е во надлежност на општината и министерството“, објасни директорката Марина Алексовска.
На седницата беа повторени извештаите кои покажуваат дека во ниту еден момент нема надминување на бројот на дневно присутни деца над проектираниот капацитет, односно дневната присутност не надминува 60 насто.
По бурна расправија и обвинувања од двете страни, сепак советниците одлучија да гласаат во корист на барањето на установата и да се овозможи запишување на деца над проектираниот капацитет.
Во Кумановската градинка запишани се 1.676 деца, а над 600 се на листата на чекање. Реалниот капацитет на градинката е 1.174 деца.
Запишување на деца во градинката ќе биде возможно откако одлуката ќе биде објавена во Службениот гласник на Општина Куманово.