×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Советот побара да се одблокира депонијата „Краста“, жителите на Пчиња ќе се договараат дали ќе прифатат

    20.06.2024 17:33 | Сузана Николиќ

    Жителите на Пчиња да ја тргнат блокадата на депонијата Краста, ЈП „Чистота и зеленило“ во најкраток рок да го изгасне пожарот, а Општина Куманово да формира работна група која за 30 дена ќе предложи мерки за решавање на проблемите со депонијата, беа трите заклучоци кои ги донесе Советот на Општина Куманово на денешната вонредна седница, по расправа за еколошките проблеми предизвикани од пожарот во депонијата Краста.

    Советот побара да се одблокира депонијата „Краста“, жителите на Пчиња ќе се договараат дали ќе прифатат

    На седницата покрај претставници на сите надлежни институции, присуствуваа и претседателите на месните заедници на селата Пчиња, Студена Бара и Вак`в, кои имаа прилика да ги изнесат своите аргументи за состојбата во која се најдоа. По состанокот тие не знаеа дали ќе се испочитува барањето на советниците, бидејќи конечната одлука треба да ја донесе месното население.

    „Далеку сме од задоволни, бидејќи ставовите ни се разидуваат. Советниците ги гледаат интересите на градот и се плашат од еколошка катастрофа поради неизнесениот смет, додека нашата катастрофа помалку ги засега. Но ќе се обидеме да најдеме компромисно решение. Заклучоците ќе ги презентираме пред месното население и нивна ќе биде одлуката дали ќе го прекинеме протестот. Им предложивме да го носат сметот на депонијата Дрисла, додека не се најде конечно решение, но тие велат дека немаат пари“, вели Александар Илиевски, претседател на месната заедница Пчиња.

    Жителите потсетуваат дека ова не епрвпат кога под притисок на јавност отстапувале од протестите, а потоа биле измамени од надлежните.

    „Не може секоја година да го имаме истиот проблем и секоја година да протестираме, да се согласиме на одредени услови и потоа ништо да не се реализира. Требаше да се исчисти сметот покрај патот, да се огради депонијата за што ние дониравме стобчиња и жица, да се пошуми, да се дислоцира, ништо од тоа не е исполнето. Имаме меморандум од 2005 година и не е постапени ни по една точка од него“, кажа Илиевски пред советниците.

    Мештаните посебно бараат да се контролира што се исфрала на депонијата бидејќи велат дека се сведоци на исфрлен медицински отпад, отпадоци од месарници, кои подоцна се разнесуваат околу депонијата и на локалниот патот по кој тие поминуваат.

    Тие најмногу се револтирани што надлежните од јавното претпријатие го негираат нивното учеството и помошта која ја пружиле првата вечер при гаснењето на големиот пожарот кој се заканувал да се прошири на житните култури и кон селото, па не сакале ни да излезат на терен да се запознаат со проблемот, туку ги обвинуваат за протест со политичка заднина.

    Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Ненад Стојановски на седницата кажа дека 70 отсто од пожарот на депонијата е изгаснат и затрпан со земја, а останатото може да се заврши до крајот на денот. Тој предупреди дека градот може да се соочи со епидемија на болести доколку не се дозволи изнесувањето на сметот.

    „Нашите камиони се блокирани веќе 48 часа, а депонијата е едниственото место каде што можеме да го депонираме. Дел од сметот е во камионите и може да се рашири зараза и може да предизвика хаварија на самите возила. Градот е блокиран, а блокирани сме и ние како претпријатие, и ако оваа состојаб продолжи нема да може да постигнеме со изнесувањето од контејнерите, кој веќе го има и на улиците“, кажа Стојановски.

    Пожарот на депонијата Краста избувна пред три дена, а непријатната миризба и загушливиот чад најмногу се чувствуваат во котлината на селата Пчиња, Студена Бара и Вак’в, но и на периферијата на градот.

    Жителите не дозволуваат камионите на претпријатието да го истураат сметот во депонијата. Тврдат дека надлежните го игнорираат нивното барање за решавање на проблемот, па наместо да излезат на терен, ги пријавиле во полиција и им се закануваат со тужби.

    Советниците побараа да се најде зедничко решение на задоволство на двете страни и во интерес на граѓаните.