Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Шпекулација се тврдењата дека ќе се затвори училиштето „Вук Караџиќ“. Тоа е целосно подготвено да започне со работа и во ова учебна година. Во споредба со минатите години сега има зголемување на бројот на новозапишани деца, имаме 6 повеќе од лани“, вели Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование, по информациите во градот дека тоа ќе се затвори поради недоволен број на ученици.
Со одлука на Совет на Општина Куманово оваа година се дислоцирани неколку паралелки од подрачното училиште „Кирил и Методиј“ во Агино Село, бидејќи нивниот обект се реконструира. Поради зголемена безбедност за учениците, дел од нив се префрлени во централното училиште во Романовце, а три паралелки во ООУ „Вук Карџиќ“. Со почетокот на второто полугодие, пак е планирано да биде првото училиште во кое наставата ќе се одвива во само една, утринска смена.
Веќе извесен период се шират информации дека училиштето „Вук Караџиќ“ ќе се затвори поради малиот број на ученици. Секоја година има опаѓање на број на новозапишани, делумно поради иселувањето на младите, а делумно и поради желбата на дел од родителите да ги запишат децата во поголемите училишта во градот.
Постојано се апелира да се почитува реонската поделеност и секое семејство децата да ги испраќа во училиштата каде по адреса на живеалиште би требало да припаѓаат. Не е новина, ниту тајна дека се применуваат многу начини за да се добие можност за преместување на учениците.
„Согласно Законот родителите се должни да си го запишат дететото во реонското училиште каде живеат, но родителите измислуваат многу начини само да се запишат во некое од централните градски училишта. Затоа повикувам доколку има злоупотреба да го провери тоа Државниот просветен инспекторат“, дополни Јовановиќ.
Надлежните сметаат дека тоа училиште ќе продолжи да работи, исполнет е потребниот минимум за опстојување.
Општинското основно училиште „Вук Караџиќ“ е формирано во 1945 година како Српска народна школа, а започнало со работа на 16 септември истата година. Зградата во која денес е сместено е изградена во 1974 година. Во период помеѓу 1970 и 1990 година, бројот на паралеките и учениците е најголем и изнесувал над 1.000 ученици, а аналогно на тоа се зголемува и наставниот кадар, па во тој период училиштето добива и стручна служба. Од 1990 година бројот на учениците опаѓа, а во 2008 година е прекината наставата на спрпски јазик.