×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Средношколка освоила 24 награди на натпревари од областа на сообраќајот

    26.01.2020 17:02 | KumanovoNews

    Живееме во средина со изместени вредности, па патот до успехот и остварувањето на соништата воопшто не е лесен. Потребна е голема посветеност, истрајност и труд, затоа што тоа е единствениот начин да се променат работите и да се стигне до целта

    Средношколка освоила 24 награди на натпревари од областа на сообраќајот

    Викторија Младеновска од Куманово, ученичка во четврта година - насока техничар за патен сообраќај во АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје, за само 4 години освоила вкупно 24 награди и признанија на бројни натпреварувања на училишно, општинско, регионално, државно и меѓународно ниво. Најголемиот дел од наградите се во областа на сообраќајот, како наука којашто ја проучува и планира да биде нејзина животна определба.

    -  Задачите се насочени кон пресметување на број на патници, број на обрти на автобуси и пресметување на транспортна работа, диспечерска служба, темпирање на семафорите според методите на Вебстер, Матсон и Владимировљев метод, пресметка на движење на возила со константна брзина, пресметка на пат на отфрлање при сообраќајна незгода, односно сите оние задачи коишто се насочени во областа на автотранспортни претпријатија, автобуски станици и безбедноста во сообраќајот. Меѓутоа, ова е само дел од составните елементи на овие натпревари,- објаснува Викторија.

    На државните натпревари во Битола и Кочани таа освоила второ и трето место, прво место на регионално ниво во Скопје, а за драгоцени ги смета искуствата на натпреварите во Србија и Босна и Херцеговина, како и натпреварувањето преку проектот „Нови генерации-зелена иднина” - „Паркирај совесно” на кое освоила наградното летување во кампот Скоурас, во Грција.

    - Оваа година бев и лидер на сообраќајната струка. Имав чест, но и преголема одговорност да го претставувам училиштетето, а потоа и своето знаење и искуството. Мора да признам дека имав и преголема конкуренција, го дадов својот максимум и успеав да освојам трето место на државно ниво, што за мене има преголемо значење,- вели Младеновска.

    За ова амбициозно и умно девојче, натпреварите и знаењето не секогаш се мерило за успех, па затоа вели дека секој човек треба да се помири со фактот дека треба да учи додека е жив.

    - Се наоѓаме во средина во која сe повеќе имаме изместени вредности, па патот кон успехот и остварувањето на соништата, воопшто не е лесен. Бара премногу посветеност, истрајност и труд кои водат до вистинските вредности, бидејќи тоа е единствениот начин да се постигнат најголемите достигнувања во животот,- смета Младеновска.

    Таа додава и дека успесите за неа се само мотив за уште поголема работа и совладување на сите препреки при реализација на нејзиниот сон. Планира да продолжи со образованието на Факултетот за безбедност, а се гледа како инспектор во секторот за вештачење при сообраќајни незгоди. Одлуката да биде полицајка ја донела уште како дете и настојува по секоја цена да ја реализира.

    За нејзините многубројни успеси заслуга има големата професионалност и поддршка од професорите и нејзините ментори, соучениците, како и семејството.

    Викторија наоѓа време и да работи на проекти од областа на информатиката, бизнисот, правото, екологијата и Црвениот крст.

    (Фросина Марковска)