Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Стамбен домар“ од Куманово е фирмата на која во февруари Регулаторната комисија за домување и ја одземала лиценцата и оттогаш наваму работи незаконски, информираат од Секторот за инспекциски надзор на Општина Куманово.
Оттаму додавата дека поради тоа граѓаните немаат никаква обврска да плаќаат за сметките за оддржување на заедничките простории, ниту, пак, да уплаќаат за резервниот фонд.
„Пред осум месеци известивме дека поради нерегуларности и ненаменско користење на средствата од резервниот фонд и е одземена лиценцата на „Стамбен домар“. Тоа ниту беше нагла, ниту ненадејна одлука, претходно ги исцрпевме сите законски можности за регулирање на неправилностите.Работевме заедно со Регулаторната комисија за домување“, истакнаа од Секторот за инспекциски надзор на Општина Куманово.
Но, од инспекцијата тврдат дека и покрај тоа фирмата се уште соработува со околу 50 колективни објекти во градот и повеќе од 3000 коминтенти. Надлежните ги повикуваат станарите да ја прекинат соработката и во рок од 8 дена да склучат договор за вршење на управувачки услуги со било која друга фирма за управување со стамбени згради или да регистрираат заедница на сопственици.
„Апелирам граѓаните да не уплаќаат средства таму, да ја прекинат соработката со неа и да ги раскинат договорите со управителот кој нема лиценца. Ниту Регулаторната комисија за домување, ниту општинските служби немаат механизми за заштита и поврат на средствата на граѓаните кои се уплатени на таа фирма“, објасни Зоран Маџовски, претседател на регулаторно тело.
Тие посочуваат дека одговорноста за фирмата која работи и покрај одземената лиценца е кај Пазарната инспекција, УЈП и Финансовата полиција затоа што не врши наплата преку сметка, туку со пари на рака, што е строго забрането со закон.
Се обидовме да ги контактираме од фирмата „Станбен домар“, но никој не се јавуваше на мобилниот телефон. Во март, кога се актуелизираше случајот, изјавија дека целата постапка е незаконски, поради што тие поднеле тужба.
„Лиценцата ни е одземена по анонимна пријава на група граѓани, што е нелогично, бидејќи може било кој да поднесе преставка. Како ќе се утврди дали е тоа точно тоа што го навеле подносителите ако не се потпишани со име и презиме. Ние воопшто не бевме известени дека се води постапка, туку дознавме дури кога ни беше врачено решението на 26 февруари. Не знаеме која е позадината на сето ова, но сигурни сме дека ќе се реши во наша корист“, изјавија тогаш од фирмата „Станбен домар“.