500x100-1
12. 11. 2019 16:23

Стари маалa и сокаци во Куманово

Стари маалa и сокаци во Куманово

Варош, Ендек, Мехмедбегова, Ортабунар, Бединска, Велешка, Карапска, Нова, Липковска, Теке маало, Татар маало и Муаџирска, се маалата на кои бил поделено Куманово за време на турското владеење.

Од овие 12 маали најстара е Варош маала која се наоѓала околу Ески-џамијата во строгиот центар на Куманово, кајшто денеска се наоѓа новата пошта и зградата на Општината.

Во ова време тука живееле исклучиво Македонци, а многу мал број на Грци, Евреи и Власи, но по војната, откако Турција извршила колонизација, во градовите и селата се населило турското население. Прв бил Бислим-бег кој со своето семејство дошол од селото Бислим. Тој се населил на местото каде некогаш живееле македонските семејства: Баба-Бисерини, Ѓорчеви, Сланичеви, Лулеви и др. Откако бројот на турските семејства пораснал, тие маалата ја крстиле Ашиксаитова, според името на главниот дервиш во текето кој се наоѓал во овој дел од градот.

Во оваа маала била изградена и Ќурчијаната. Инаку, таму имало мал број на куќи, затоа што главно се наоѓале трговско-деловни објекти.

Велешката маала, го добила името по велешките трговци кои по долината на Вардар и Пчиња, низ Којнарињата, Студена бара и Краста, доаѓале во Куманово за да продаваат некои свои производи. Велешкиот сокак или денешната Народна Револуција им бил најкраткиот пат до центарот на градот-Тумба. Најпрво, продавале грнчарски производи, а подоцна и ракија, вино, оцет и други алкохолни пијалоци. Потоа и ран зеленчук, шеќерџиски производи, алва, варен шеќер, боза, маџун, тудинф итн. Овој сокак бил еден од пошироките сокаци низ кој се движеле многу луѓе и пајтони,  се' додека не се поставила калдрмата и станал нечист и каллив. Овој сокак бил значајна градска артерија со сконцентрирана трговија и дуќани и куќи на стари кумановски семејства. Овде живеел  Јордан Атанасов трговец со алкохолни пијалоци, потоа златарот Петруш-Туше Ташковски, Теодос Дилиндар првиот фудбалски судија, неговите синови фудбалери Шарло и Славко и многу други.

Тука била и работилницата на Копе Станковски калајџијата, која била запамтена по работилниците кои рачно ја вртеле тешката преса со која го исцедувале маслото од афионското семе, кое претходно било варено во казан. Децата оделе да го посетат Копе, а тој им давал парчиња од пресовата погача, топла и полна со масло, а тие јаделе со задоволство.

Исто така и Карапската маала била прочуена и една од најстарите во градот. Таа се наоѓа наспроти гимназијата „Гоце Делчев“ од нејзината северна страна, а завршувала на улицата "Моша Пијаде". Според мислењето на тогашниот најстар жител Борис Трајковски името го добила во турско време, а исто така и тука пред да се населат Турците било населено македонското население. Овде, според кажувањата на жителите, успешно се криеле комитите и револуционерите. Токму затоа Турците ја нарекувале Карап маала, нешто како црна или тајна маала. Добитокот го набавувале во кумановските и кратовските села, а во свои сопствени штали го чувале до колењето или продажбата.

Во оваа маала живееле видни и стари семејства: Ване Митевски-Гикин трговец, Симон Брко бавчеванџија, Борис и Пезо Биџови касапи, Манас Георгиевски бакалин, Страшко и Тоде Шестаци и др.

Малата Ортабунар се наоѓала на север од зградата на Работничкиот универзитет, а се протегала до улицата на "11 Ноември". Пошироко подрачје кое името го добило по јавниот бунар што се наоѓал на една плоштатка и бил на средината на маалата. Овој дел од градот полека го губи својот изглед бидејќи старите куќи се уриваат, а се градат современи. По Втората Светска војна тука воглавно биле населени Албанци, а Македонците и Турците се преселиле на други места. Сепак, најстарите семејства во оваа мала се семејствата на: Трајко Илиевски-Кмет, Наце Фетак, на учителот Душан Караџиќ, доктор Алириза и на Јусуф Исмаил.

Стара е и Бединската мала, која и денеска се вика така. Порано била населена со Македонци, но денес живеат луѓе од повеќе националности. Во оваа маала куќите главно се градени "диво", па главно низ неа водат кратки кривулести и тесни  улички, тоа се всушност некогашните турски сокачиња. Турците ги сакале тие сокачиња, затоа што низ нив лесно се движеле со магарињата и коњите. Денес и оваа маала има доста новоградби кои полека го менуваат ликот на Бединската маала.

Останатите маали, што постоеле во турско време веќе ги нема. Маалите исчезнаа, но останаа називите на старите сокаци: Нагорички, Проевски, Велешки, Романовски, Старо градско џаде итн.

На Нагоричкиот сокак, денес познат како улица "Иво Лола Рибар", од левата страна, од денешното "Кино Козјак" некогаш постоела кафеаната „Едисон“, во која биле прикажувани филмови, а неа ја изградиле учителите Јован Мурговиќ, Илија Вуковиќ и Коста Гудос. На овој сокак се наоѓале и анови, бакалници, влачкарница на Борис Вруќа-вода, чевларски дуќан на Крсто Мицев-Драчка, фурната на Тасо Крив, како и кафеаната "Србија" во која работел Клубот на резервни воени старешини. Во 1919 година, тука била одржана основачка конференција на Социјалистичката работничка партија на Југославија за Куманово (комунисти).

По Проевскиот сокак,  живеат семејствата на Јоско Чимин кој имал кафеана, Миро Златанов кој бил трговец и продавал ловечко оружје и муниција, Лазар Пешев -Велешанац бакалин и анџија, браќа Кусигерци итн.

Романовскиот сокак или денешната Илинденска улица, започнувала од куќите и дуќаните на Мане Чевробенски, а на местото на денешниот комплекс "Гарнизон", постоеле дуќани во сопственост на Гркот Нуша.

Извор ("Старо Куманово"-П.Трајковски)

Стари маалa и сокаци во Куманово