×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • СТАВ: ВЕТЕНО (НЕ)СТОРЕНО

    29.06.2021 05:42 | KumanovoNews

     Во моментот додека го пишувам, а вие го читате оваа „четиво“ ми иде на мисла, а претпоставувам и вам драги читатели, дека едноставно во ова денешно летаргично доба, сè се случува некако без особен интерес. Преовладува една права линија и ниска вибрација во меморијата кај секој од нас, пуштен мозок на паша и безидејност во начинот на размислување и функционирање.

    СТАВ: ВЕТЕНО (НЕ)СТОРЕНО

     Но, за да дојде до сето ова, за да преовлада едно вакво чувство, за тоа некој „сериозно“ се погрижил, со текот на годините успеал да креира празно множество, односно ништо, па има зошто и од што да се изведат такви заклучоци.

    Некој (не)успеал да направи атмосфера, да креира амбиент, да создаде солидно или никакво дело, па од таму такво чувство и перцепција кај повеќето од нас.

    Некогаш во животот и треба да ти се посреќи, да се склопат коцките во даден момент, а реално да поседуваш многу малку знаење за она што сакаш и сметаш дека умееш да го правиш. Тоа кај нас е секојпат така, кога на некоја позиција, пиедестал, треба да дојде „заслужна личност“, која го одработила своето, а во секој случај е најмалку олицетворение на образование, личен успех, интелект, професионална кариера и општествен статус.

    Некои едноставно се забораваат, се во друга кожа, кога ветуваат сè и сешто како наближуваат изборите и играат на картата на кратка меморија пред граѓаните. За жал, тоа некако мора да се признае дека низ годините наназад се провлекува и овој народ, во овој град и оваа општина, се води и гласа, дава доверба исклучиво од свои лични егзистенцијални потреби, должничко доверителски односи, непотизам, релации и благодарност за завршена работа.

    Полека поминува времето, а реализацијата и остварувањето на 4-годишната програма стануваат се поголем проблем, кои актуелната локална власт очигледно нема намера да ги решава, туку само од време на време ќе реализира или ќе најави одредени квази – проектчиња, кои претставуваат одраз на нивното лицемерие и цинизам со кој владеат 30 години во Куманово.

    Јаки, неопходни „капитални проекти“ за потребите на граѓаните токму на крајот на градоначалничкиот мандат, нема што - кружен тек во најава после кој знае колку години на ул.Октомвриска Револуција и ул. Трета - МУБ. Поставување на столбчиња на ул.Трета МУБ и замена на пластични со метални столбчиња на ул. Октомвриска Револуција (одлично решение и инвестиција), или како по традиција и асфалтирање на улици во време на изборна кампања и правење фешти во приградските населби.

    А до сега што се правеше, на што и на кого се чекаше !?

    Одговорот е премногу едноставен и јасен.

    Се чекаше да дојде ова време, овој период од владеењето.

    За ниеден наталожен проблем или нереализирана активност, кметот, (како и тие што претендираат во таа матрица да бидат истото), не може да се повикуваат на несовесноста на граѓаните, ниту пак да бараат оправдување во хипотеките на неговите и нивните претходници.

    Всушност, на локалните власти некако како да им е дозволено и од татковци и дедовци дадено во наследство, да се однесуваат помалце манијачки и егзибиционистички, во стилот дека ова е нивна територија и ќе се однесуваат и ќе прават што сакаат и кога сакаат !?

    Преку малкуте фејсбук перјаници, мегафони и додворувачи на „Падрето“, како да имаат лиценца за лов на вештерки и вперување прст кон неистоимисленици, што како практика се провлекува во последно време.

    Но, само едно е повеќе од јасно.

    Секогаш проценката е на нас самите и уверувањата дека некако ништо не е реализирано од она што е ветено!

    А што е ветено ?

    Еве, ова е ветено:

    Реконструкција и осовременување на Градскиот плоштад, обновување на околните фасади, нивно осветлување, како и пешачко поврзување на двата плоштада. Решавањето на сообраќајниот метеж и хаос со изградба на поголем број катни гаражи. Трансформација на сите клучни раскрсници во кружни текови. Намалување на цената на паркинг услугите преку создавање на поголем број паркинг места. Детално чистење на градот, а потоа редовно одржување и негово сервисирање.

    Стратешко решавање на сметот во градот со изградба на регионална депонија. Гасификација во секој дом.

    Гасификација на Општата Болница. Докапитализација на јавниот превоз во градот со јавно приватно партнерство.

    Дислокација на постоечката автобуска станица во близина на железничката станица, а на нејзино место да се изградат спортски терени и зелени површини.

    И уште многу други ветени, а не остварени работи. Овде животот за сите само што не процветал во нивната утописка „градина“, додека околу нас заминуваат млади и умираат луѓе што биле доведени во заблуда дека политичарите работат за нивно добро и благосостојба.

    Само тие што ја познаваат, чувствуваат душата на овој град, а со тоа и на неговиот развоен потенцијал, можат многу лесно таквите и сличните места како што е нашето, да ги окарактеризираат како градови, општини во слободен пад.

    На крајот, без разлика што и да се случува, да ни е сè пред очи, мораме да почнеме да мислиме како да го видоизмениме Куманово, во функционален систем, во вистинска смисла на зборот. Во нешто што ќе значи борба против корупцијата и сомнителните зделки, создавање на услови за развој и унапредување, имплементирање на инфраструктурите проекти, општина блиска и во служба на сите нас, а не само на поединци. Да поставиме однапред дефинирани услови и критериуми што ќе се почитуваат, заложбата да биде усмерена кон интересите на народот над сè, кон стандарди и стабилни вредности во ова општество.

    Перото е секогаш помоќно од мечот, а посебно е остро и болно перото на онеправданиот и некогаш понижениот човек.

    Срѓан Ивановски

    ВМРО-ДПМНЕ ОК Куманово

    Централна правна комисија