Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пожарот кој веќе два дена беснее помеѓу кумановските села Мургаш и Горно Јачинце, утринава е ставен под контрола и нема опасност да се прошири кон околните села, соопштуваат од Територијалната противпожарна едниница Куманово.
Командирот Деан Илиевски, вели дека ноќеска интервенирале три екипи кои успејале да го локализираат пожарот и сега се работи на негово целосно ликвидирање. Во акцијата се вклучени и хеликоптерите на АРМ и на МУП Србија.
Во големиот пожар кој избувна на м.в. Липец и се прошири на околните села Бељаковце, Довезенце, Јачинце и Мургаш, се проценува дека изгорела над 40 хектари нискостеблеста и мешана шума.
Во пожарот изгоереле и неколку напуштени куќи, како и дел од куќа и фарма на семејство што живее во селото.
Во однос на причината за настанатите пожари, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, истакна дека одговорноста треба да ја утврдат надлежните државни органи.
„Според укажувањата на дел од граѓаните сметаат дека можеби и електричната инсталација на одредени локации, т.е преносот на електрична енергија е една од причините за појава на пожар на локација селото Мургаш“, изјави Димитриевски.
Вчера противпожарните екипи интервенирале и во селата Опае, Биљановце, Пезово и Дренак.
„Други пожари на територијата на Општина Куманово во моментот нема“, тврди Илиевски.