Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Околу стотина стечајни работници од Куманово, од Нова година, еден ден во неделата ќе се возат бесплатно во автобусите на градскиот превоз.
Ова денеска им го соопшти градоначалникот Зоран Дамјановски, кој преговара за поволностите со сопствениците на автобуските компании во градот.
Се договоривме за еднодневен бесплатен превоз, но во преговори сме тоа да бидат два дена во неделата. Најверојатно тоа ќе бидат понеделник и четврток. Се работи за категорија на луѓе кои се наоѓаат во многу тешка социјална положба, бидејќи дел од нив не примаат никаква социјална помош, а со години не работат. Затоа општината сака да им помогне, а подготвува и социјални пакети за најсиромашните семејства во градот- рече градоначалникот Зоран Дамјановски.
Со социјалната програма Општината ќе преземе обврска да ги плаќа сметките за вода и за ѓубре во висина од 800 денари месечно на најзагрозените семејства.
Во името на стечајните работници на градоначалникот и локалната самоуправа се заблагодари претседателката на стечајците Лилјана Георгиевска, која смета дека ова е голема помош за нив, бидејќи бесплатниот превоз и социјалниот пакет ќе помогнат полесно да се справат со немаштијата.