Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тие ги изгубиле своите работни места, но имаат хуманост, љубовта кон луѓето ја сочувале.
Над 50 единици крв се собираат месечно од доброволните крводарители на одделението за трансфузија во Општа болница Куманово. Лекарите кажуваат дека најредовни крводарители се повозрасните луѓе кои не се вработени или ја изгубиле работата и тие доаѓаат главно без повик, додека преку крводарителските акции во училиштата се настојува и младите да станат хумани. Специјалистот трансфузиолог Антоније Душмановиќ вели дека на списокот сигурни-крводарители имаат триесетина граѓани кои оставиле контакт телефон за да даруваат крв доколку е неопходно.
Она што е најинтересно меѓу нив се и стечајни работници, а голем број се и невработени. Тие ги изгубиле своите работни места, но имаат хуманост, љубовта кон луѓето ја сочувале. Знаеме во каква состојба се тие, но редовно доаѓаат. Нашата поента е бројот на млади крводарители да се одржи. И по завршување на средно образование и факултет повторно да даруваат крв. Некој ќе каже “даруваат крв, за да не одат на училиште“, меѓутоа не е точно. Тие се хумани и дисциплинирани - вели Душмановиќ.
Во денешно време преку социјалните мрежи граѓаните се мобилизираат доколку е потребно да се дарува крв за болен. Душмановиќ вели дека АБ негатив и АБ позитив важат за крвни групи од кои малку потешко се обезбедуваат единици.
Тој раскажува дека во периодот кога во Куманово работеле голем број фабрики, вработените на повик веднаш доаѓале и дарувале крв од крвната група која е потребна.