×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Сточарите од Љубодраг, Умин Дол и Ново Село утре на протест, не даваат да се уништат свињите кои немаат африканска чума

    18.10.2022 15:49 | Сузана Николиќ

    Жителите на кумановските села Љубодраг, Умин Дол и Ново Село утре ќе го блокираат стариот пат Куманово - Скопје за да ги спречат претставниците од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да им ги уништат свињите кои се здрави, откако на една фарма во селото е регистириран првиот случај на болеста африканска чума. 

    Сточарите од Љубодраг, Умин Дол и Ново Село утре на протест, не даваат да се уништат свињите кои немаат африканска чума

    Протестот ќе се одржи утре од 10 до 12 часот во селото Љубодраг, со делумна блокада на патот со земјоделската механизација.  

    Претседателот на месната заедница Љубодраг, Бобан Лазиќ, вели дека се одлучиле на ваков чекор бидејќи надлежните водат нетранспарентна политика и тие не се запознаени со активностите кои ќе се спроведуваат на терен, а од тоа зависи нивната понатамошна егзистенција. Затоа бараат средба со претставници на Министерството за земјоделство и од Агенцијата за храна и ветеринарство за да им објаснат зошто се уништува целиот фонд од над 300 свињи, иако резултатите покажеле дека тие се негативни на болеста.

    „Болеста е откриена во една фарма и свињите се уништени. Во другите фарми и во домаќинствата свињите се здрави. Подметнуваат решенија на луѓето, се прават сомнителни работи. Никој не ни кажува по која цена ќе ги исплаќаат свињите, кога ќе се изврши исплатата. Ова е голем удар за сточарите и земјоделците, ние од тоа живееме“, вели Лазиќ, кој додава дека во трите села има окол 15 помали свињарски фарми, а останатиот добиток се одгледува во домаќинствата за сопстевни потреби.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека уништување на свињите ќе се врши само во селото Љубодраг, каде што е откриен случај на африканска чума, но не и во селата Умин Дол и Ново Село. 

    „Неосновани се шпекулациите дека Агенцијата за храна и ветеринарство во населените места Љубодраг, Умин Дол и Ново Село во Кумановско, утре ќе врши еутаназија на сите свињи во одгледувалиштата. По потврдувањето на позитивен случај во село Љубодраг каде се преземени потребните мерки и жариштето е сузбиено, врз основа на донесеното Решение за преземање на заштитни контролни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите, еутаназија на свињите со нивно нештетно отстранување ќе се спроведе само во населеното место Љубодраг, кое е во заштитната зона од 3 километри. Одгледувалиштата кои имаат имплементирано високи биосигурносни мерки имаат можност свињите економски да ги искористат со колење во кланица со која АХВ има склучено договор“, одговорија на нашите прашања од Агенцијата.

    Од таму додаваат дека во зоните под 10 километри каде спаѓаат и населените места Умин Дол и Ново Село, засега не се спроведуваат активности, но во наредниот период и таму ќе има одредени мерки со можност за економско искористување на свињите.

    Според последните податоци АХВ, со мерката за депопулација досега се опфатени вкупно 3 500 свињи. Од нив 3.344 се еутаназирани, а 156 се испратени на колење за економско искористување.