Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сточарите од кумановското село Тромеѓа, кои трет ден протестираа против уништување на свињите кои немаат африканската чума, денеска го радикализираа протестот со блокада на регионалниот пат Куманово - Свети Николе.
Тие бараат средба со претставниците на Министерството за земјоделство, шумарско и водостопанство како и Агенцијата за храна и ветеринарство, за да им ја објаснат што ги чека.
„Сакаат да ни ги уништат здравите свињи и затоа сме револтирани. Ние од тоа егзистираме. Не сме против да се уништат болните свињи, за да се спречи ширењето на болеста. Ние свињите ги чуваме затворени и нема опасност болеста да се прошири. Никој не дојде да ни објасни каква е постапката, туку само најавија дека ќе ги уништуваат. Нема да престанеме со блокадите додека не се реши проблемот“, вели Драгољуб Димитриевски, жител на селото Тромеѓа.
Тие кажуваат дека во селото има околу 1000 свиња, а досега е регистриран само еден случај и добитокот е уништен.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство веќе трет ден нема одговор за барањата на жителите.
Жаришта на африканска чума се регистрирани и во селата Умин Дол, Ново Село, Долно Којнаре, Речица каде што жителите исто така протестираа за да го заштитат здравиот добиток.