×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Субвенциите за затворениот базен ги користат само учениците пливачи, нема обука за непливачите

    20.11.2023 11:56 | Оливера Пешевска

    Субвенциите за користење на затворениот базен во Куманово од страна на основните и средни  училишта се користат само за рекреација на пливачи, но не и за учениците непливачи.

    Субвенциите за затворениот базен ги користат само учениците пливачи, нема обука за непливачите

    Досега не се обезбедени услови да можат и малите деца и непливачите да учествуваат во обуката за пливање во рамките на училишните и вонучилишни и спортски активности, заради што се смета дека тие се дискриминирани во овој поглед.

    Прашањето зошто во овие активности не се вклучени и учениците - непливачи и зошто досега Секторот за образование нема доставено предлог до Советот на општината  за набавка на технички помагала за безбедни услови за непливачите,  беше поставено при донесување на Програмата  за изменување на Програмата за субвенционирање на наставни, воннаставни и спортски активности по пливање во затворениот базен – Куманово за учениците од основните и средните училишта од Општина Куманово за 2023 година.

    „За затворениот базен има правилник и обезбедена опрема преку Општинскиот сојуз за училишен спорт, но тука се работи за една специфична област. Не секој наставник е способен, ниту пак сака да презема одговорност ученик - непливач да го пушти во базенот,  па дури и со помагала. Сите училишта имаат потпишана согласност од родителите за секој ученик, меѓутоа во базенот одговорноста е на наставникот“, објасни раководителот на секторот образование Александар Јовановиќ.

    Опозицијата реагираше што Советот не бил информиран дека организаторот на ова активност нема капацитет во дадените околности да ја спроведе во целост.

    „Имаме одлука која сме ја донеле, а во еден сегмент не се извршува и не знаеме што треба да направиме за  да ги подобриме капацитетите  на базенот и на инволвираните стручни лица. Родители на деца - непливачи можат да се чувствуваат дискриминирани. Тие даваат согласност нивното дете да оди на обука за пливање која ја субвенционира општината, а ние не можеме да им ја обезбедиме услугата, иако како надлежен орган сме донеле  одлука дека таква можност постои“, реагираше Миле Андоновски, советник од Партијата на пензионери.

    Претседателката Ѓорѓиевска појасни дека примарна цел за користење на субвенциите на затворениот базен е рекреација на пливачи, но и дека никаде не е наведено оти не  можат да доаѓаат и непливачи. Таа истакна и  дека инструкторите за непливачи допрва треба да посетуваат обуки.

    Општина Куманово  одвои 7 милиони денари или околу 115 илјади евра за спроведување на програмата за наставни, воннаставни и спортски активности на младите во затворениот базен во Куманово, а мерката започна да се спроведува во втората половина на март. Неа ја користат 17 од 20 основни училишта,  исклучени се само 3 подрачни училишта во селата кои немаат бесплатен превоз, посочуваат надлежните.

    Реализацијата  на проектот е започната со 70 ученици, додека во ударните месеци март/април се стаса до бројка од 3.500 ученици. На почеток на ова учебна година има пријавено 1077 деца. Се размислува за следната година, во мерката да бидат вклучени не само ученици непливачи, туку и да се намали возрасната граница, односно да се вклучат и деца од одделенска настава.