Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Тони Димитриевски, сопственик на гостилница Корнер- Баба Цана е новиот претстедател на Здружението на угостители „Бисер“ од Куманово.
Тој е избран на вонредно собрание, откако на претходниот претседател Влајко Стојчевски му завршил мандатот. Потпретседател на здружението е Емануил Ивановски, а во новиот управен одбор членуваат Горан Јосимовски, Мухамед Садики, Иван Додевски, Саша Митиќ, Александар Јовановски и Горан Лазаревски.
„Воведовме новини во статутот на здружението, од сега ќе имаме потпредседател, а за првпат претседателот нема да е член на управниот одбор за да нема злоупотреби во работењето. Прва задача ќе ни биде да го ажурираме членството, бидејќи има доста нови угостители кои не се наши членови а успешно работат, а оние коишто ги има на списокот а не се активни ќе се избришат за да можеме да функционираме како што треба“- изјави Димитриевски за Кумановоњус.
Здружението на угостители „Бисер“ е членка на Туристичко-угостителската комора во состав на Сојузот на стопански комори на Северна Македонија, преку која заеднички се дејствува за подобрување на состојбата на угостителите во економската криза.
„Ние се залагаме за подобри услови за работа на угостителите во услови на ковид-криза. Имаме 15 барања за 2021 година, кои се на разгледување и ние не сме задоволни од мерките коишто досега ги донесе Владата за помош на нашата дејност. Ние и понатаму работиме со ограничено работно време, ги почитуваме протоколите за работа но сеуште немаме субвенции за плати и грантови за рестораните за свадби коишто се затворени“,- додава Димитриевски.
Мандатот на новото реаководство е две години, со можност за реизбор.
Здружението „Бисер“ брои околу 50 угостители.
(С.Н.)