Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од денеска пред библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово започна летен саем на книгата на издавачката куќа „Три“ од Скопје. Саемот нуди наслови по фестивалски цени, а ќе трае до четврток, 22 јуни во период од 10 до 19 часот.
„На штандот има над 100 наслови, меѓу кои и новитети што неодамна пристигнаа, како и популарни книги што сè уште го држат своето место на топ-листите. Меѓу нив се новите романи совршени за летување, како и за оние кои будно го следат најактуелното во областа на психологијата. Меѓу понудата се и боенки и сликовници за најмалите“, стои во излагањето на организаторите.
Повеќе граѓани денеска го посетуваа штандот, разгледувајќи ја понудата. Дел од нив од љубопитност, а дел и веќе подготвени и точно си го бараа насловот што ги интересира.
„Дојдов само да заменам книги во библиотеката, но еве ја разгледувам и понудата. Непланирано си ја купив „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, но многу ми е мерак што ќе ја имам во домашната библиотека. Иако веќе ја имам читано“, изјави Љиљана Арсовска, пензионерка.
Пресек на она што најмногу се бара и продава се уште е рано да се направи, но посетеноста која полека се зголемува ветува успешни саемски денови.