Мени

Турнир во уличен баскет во Куманово, два дена спортска забава, музика и награди за најдобрите

24.06.2026 13:59 | KumanovoNews

Во спортскиот комплекс "ММ Спорт" во Куманово, на 4 и 5 јули, ќе се одржи турнир во уличен баскет 3х3. Љубителите на кошарката ќе имаат можност да уживаат во два дена исполнети со баскет, музика и натпреварувачки дух.

Турнир во уличен баскет во Куманово, два дена спортска забава, музика и награди за најдобрите

„Идејата ни е на едно место да ги собереме рекреативците, кошаркарските ентузијасти и љубителите на уличниот баскет, кои ќе имаат можност да се натпреваруваат за вредни парични награди и да бидат дел од спортски викенд исполнет со адреналин и добра атмосфера“, велат организаторите.

Тие најавуваат дека покрај турнирот во баскет 3х3, ќе се одржи и натпревар во шутирање тројки, кој традиционално привлекува големо внимание кај публиката. Натпреварите ќе започнуваат од 17 часот.

За најуспешните екипи и поединци се обезбедени и парични награди. Победникот на турнирот ќе освои 60.000 денари, второпласираниот тим 20.000 денари, додека најдобриот шутер во натпреварот за тројки ќе биде награден со 6.000 денари.

Котизацијата за учество на 3х3 турнирот изнесува 2.500 денари по екипа, а за натпреварот во шутирање тројки 300 денари по учесник.

Турнирот е во организација на Граѓанската иницијатива за развој на социјален капитал, а организаторите ги повикуваат сите љубители на кошарката да пријават екипа или да дојдат како публика и да бидат дел од баскет викендот во Куманово.

Заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса [email protected], на телефонскиот број 070 236 719 или на Фејсбук и Инстаграм профилите.