Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“, СОУ „Перо Наков“ и ОСТУ „Наце Буѓони“, заедно со дваесетина наставници учествуваа на еко-акција во паркот на Спомен костурницата во Куманово, по 5 Декември - Меѓународниот ден на волонтеризмот.
Акцијата се одржа во соработка со ЈП „Чистота и зеленило“, а на иницијатива на претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска. Акцент е ставен на практично покажување и применување на правилниот начин на засадување на дрвјата.
„Обезбедени се околу 3000 садници, колку што знам се работи за бел бор и чемпрес. Учествуваат околу 100 ученици. Поентата беше да научат да ископаат дупка, да знаат да затрупаат и добро да притиснат за да се прифати садницата. Да ги научиме децата суштински работи, зашто знаеме дека новите генерации ретко учествуваат во вакви активности и немаат многу занење за правилно садење“ појасни Ѓорѓиевска.
Од следната година ќе се направи и акциски план за побројни и поопширни вакви еко акции и на подалечни локации од централното градско подрачје. Но, тогаш и самата организација бара подетален план со повеќе логистички ставки за да се протече во најдобар ред.
Акциите за почисто и позелено Куманово и борбата за чист воздух продолжуваат и понатаму истакнуваат сите инволвирани во денешната акција за пошумување. Добредојдени се и сите други заинтересирани граѓани кои имаат желба, воља и слободно време да се приклучат.