Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од почетокот на учебната година четири ученици од 6-то до 9-то одделение немаат училишен превоз до подрачното училиште на „Браќа Миладиновци“ во селото Пчиња.
За да стигнат на часови ја користат редовната автобуска линија 19, но возниот ред по кој се вози на оваа траса не соодветствува со времето кога тие тргаат или се враќаат од училиште.
Родителите се револтирани, затоа што досега децата имале редовен училишен превоз и немале проблеми со кои сега се соочуваат.
„До лани се беше во ред. Додека да заврши претходната учебна година си имаше комбе кои ги земаше и враќаше децата. Од 1 септември наваму нема училишен превоз, туку одат со редованата линија Куманово-Студена бара. Комбето од селото тргнува во 7.30 часот наутро, па доцнат на првиот час, а кога се попладне на училиште завршуваат нешто по 16 часот и мора да го чекаат превозот кој доаѓа некаде пред 18 часот. За среќа професорите имаат разбирање, па за сега не го санкционираат доцнењето, но тоа не е решение “, објаснува Сашка Павловска, родител на еден ученик.
Чекањето превоз им одѕема време на децата, кои би можеле да го искористат за да ги завршат домашните задачи. Наместо тоа, тие шетаат или бараат занимација за побрзо да им мине времето, а родителите стравуваат за нивната безбедност..
„Не знаеш каде ќе ги одведе детскиот памет-те сакале во Бислим да се прошетаат, те нешто друго да видат . Ќе започне веќе порано да се стемнува, загрижени сме за нивната безбедност, можно е и да залутаат. Постојано треба да ги мислиме“, потенцира Павловска.
Семејствата на овие ученици се премногу зафатени со домашните и земјоделските обврски и ретко имаат можност да се погрижат за приватен превоз на децата, ниту пак се должни тие да го обезбедат тоа. Затоа и апелираат до надлежните што поскоро да се реши проблемот и да нема пречки со превозот на децата на настава што по закон мора да ја посетуваат.
Според законот за основно образование, член 73 , учениците има право на организиран или бесплатен превоз ако местото на живеење е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште.
На официјалниот општински сајт во делот за бесплатен јавен превоз ја има линијата 19 и трасата по која се движи, но го нема истакнато возниот ред на тргнување и пристигнување на линискиот превоз.
За настанатиот проблем побаравме одговор од Општина Куманово, но иако ветија не доставија соопштение до нашата редакција.