22. 05. 2020 12:28

Училишната зграда на „Крсте Мисирков“ оплеменета со мурали и графити

Училишната зграда на „Крсте Мисирков“ оплеменета со мурали и графити

 Со проектите „Еко - Графити Фест за поголема урбана свест“ и „На патот“, зградата на основното училиште „Крсте Мисирков“ е оплеменета со графити  и мурали со мотивациони пораки, кои ги изработија локални и странски уметници.

За период од година дена, со тимска работа,  комплетно се обновени руинираните делови на училишната фасада, еден дел од Народен Театар – Куманово, како и училишната спортска сала.  

Директорот на училиштето  Александар Јовановиќ, вели дека отсекогаш го иритирале навредливите натписи и руинираните ѕидови на зградата, поради што решиле со помошникот директор, да аплицираат на конкурс на Фондацијата за Отворено Општество – Македонија, за развивање на еколошката свест кај населението. Откако го добиле проектот, распишале конкурс за графити на кој се пријавиле 40 уметници од: Србија, Бугарија, Албанија и други.

„Со овој проект беше опфатено најпрвин санација на ѕидовите, потоа бојадисување и на крај исцртување на графитите. Настанот беше масовно посетен од страна на граѓаните, а истиот беше проследен со пријатните звуци на хип хоп музика и турнир во кошарка. Ѕидовите кои останаа не опфатени со овој проект, ги исцртавме со мурали кои ги овозможи Швајцарската амбасада во Македонија, а проектот беше насловен „На патот“. На јужниот дел од надворешните ѕидови на централната училишна зграда беа исцртани мурали кои алармираат на глобалното затоплување. Последниот дел за уредување ни остана пред влезот на малата училишна сала, кој деновиве е завршен самоиницијативно со средства од училиштето и помош од страна на младите уметници од Куманово. На ист принцип, беа исцртани и ѕидовите на спорстската сала и котларата. Сакам јавно да се заблагодарм на сите кои ни помогнаа да се реализираат нашите идеи, а со тоа ни помогнаа да го смениме ликот на училиштето“,  – појасни Јовановиќ.

Тој вели дека е презадоволен од крајниот резултат, а посебно е убава глетката ноќе кога графитите се осветлени и се гледаат од далечина.  Додава дека нивниот пример го следат и други училишта и бараат совет како да аплицираат за вакви проекти. Тој ги повикува сите граѓани да се зголеми нивото на свеста и да не се уништуваат графитите.

 Последниот урбан проект кој се реализираше во училиштето беше насловен  „Во блиско минато и во блиска иднина“, го работеше младиот артист Дејвид Стоилковски.

„Потребни ми беа цели 6 дена за овој мурал. Тука го вклучувам и полицискиот час, но и импровизираното скеле на кое работев. Со оглед на импровизацијата на материјали за достигнување до високите делови од ѕидот и недостигот од комфорт при работа, јас сум презадоволен од постигнатото. Стариот и руиниран дел, очекувано доби нов и современ изглед, со кој се гордеам. Исто така, се надевам дека и во иднина ќе бидам дел од вакви урбани и културни настани во мојот град“, – ни објасни Дејвид.

Од училиштето велат дека работат на слични проекти за разубавување  и создавање на подобри услови за учениците.

(Дарко Давитковски)


2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk