Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Уписите во средните училишта почнуваат на 14 јуни, најави Министерството за образование и наука (МОН).
Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта – 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.
Во Куманово во четирите општински и едно државно училиште има место за упис на 2.129 ученика.
Во СОУ „Гоце Делчев“ во Куманово предвидено е во прва година да се запишат вкупно 340 ученици, во 10 паралелки , кои ќе имаат можност да следат настава на македонски и српски јазик, а ќе има и една македонско – француска билингвална паралелка.
Во СОУ „Сами Фрешери“ ќе има место за 238 ученици, во 7 паралелки, со настава на албански јазик.
Во СОУ „Перо Наков“ предвидени се вкупно 508 ученици, во 16 паралелки, со настава на македонски и албански јазик. На располагање на учениците им се : економско-правна и трговска струка, текстилно - кожарска струка и уметничко образование – ликовна уметност и дизајн.
Во Средното техничко училиште „Наце Буѓони“ во прва година ќе се запишат 646 ученици во 19 паралелки, со настава на македонски и албански јазик. Учениците ќе можат да се определат за машинска, електротехничка или здравствена струка.
Државниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во прва година има на располагање слободни места за 397 ученици во 13 паралелки, со настава на македонски и албански јазик. Во овој центар учениците ќе можат да изучуваат една од следните струки: земјоделско – ветеринарна, хемиско - технолошка и машинска струка, како и лични услуги- козметичар и фризер.
„Фокусот е ставен на стручното образование, како образование на сегашноста и иднината. Во изминатиот период Министерството за образование во соработка и со поддршка од проектот ‘Образование за вработување во Северна Македонија’ и Швајцарската агенција за развој и соработка ја реализираа кампањата ‘Учи паметно, работи стручно’ која има за цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование, да едуцира и информира за неговата важност за националната економија преку унапредување и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд“, вели МОН.
Се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта во 25 општини, кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование. За новата учебна година предвидени се 2.000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование.
Исто така, 200 стипендии во износ од 2.200 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината ќе бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка.
Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што доставуваат доказна документација.
(С.Н.)