Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Матичната служба за издавање на лични документи во Куманово, како и подрачните канцеларии во селата Старо Нагоричане и Младо Нагоричане од вчера нормално функционираат, откако повеќе од две недели поради технички проблеми и немање на интернет издаваа документи само за итни случаи.
Поради тоа голем број на граѓани се жалеа дека не се во можност да ги завршат своите обврски навреме и бараа надлежните што побрзо да го решат проблемот.
Од матичната служба се правдаа дека проблемот не е до нив, туку до мобилниот оператор кој го одржува системот и секојдневно работи на терен да го реши проблемот.
Од канцеларијата кажуваат дека за да им излезат во пресрет на граѓаните кои имаа итна потреба од документи: извод за родени, венчаница или умреница, вработените ги пополнуваа документите на машини за пишување.
„Од вчера, тој проблем е надминат и граѓаните веќе ги добиваат своите документи во редовна процедура“- велат надлежните.
Управата за водење на матични книги во Куманово од јуни минатата година е преселена во простории во поранешната касарна на АРМ во населбата Бедиње, но граѓаните реагираат дека новиот објект е на непристапно место и тешко се доаѓа до него.
(Д.Д.)