Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Уставниот суд ќе ja оценува уставноста и законитоста на Одлуката за супензија на дел од Деталниот урбанистички план (ДУП) кај „Школска амбуланта“, која ја донесе Советот на Општина Куманово во јуни 2023 година.
„Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за суспензија од примена на Детален урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е. „Б.С. Гојчо“, дел од Урбан блок 44, плански опфат помеѓу бул. „Трета МУБ“, ул. „Перо Чичо“, ул. „Прва петолетка“ и ул. „Миле Кипра“-Општина Куманово, (2018-2023) со површина од 3.24ха, со технички бр. 19/18 од јули 2021, изработен од ДУПИ Планерис ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, донесен со Одлука бр. 09-9525/41 од 28.12.2021 година, бр. 09-4569/3 од 06 јуни 2023 година („Службен гласник на Општина Куманово“ бр.9 од 07.06.2023 година) и воедно го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука односно донесе т.н. времена мерка“, стои во соопштението на Уставниот суд.
Адвокатот Виктор Божиновски, вели дека Уставниот суд во оваа фаза од постапката утврдил дека има основ за нарушување на уставноста и законитоста и донел времена мерка за поединечните акти што ги преземал градоначаникот во однос на инвеститорите. Тој очекува дека брзо ќе добијат и конечна одлука од Судот, со што ќе се утврди дека одлуката на Советот е неуставна и незаконита.
Иницијативата за оценување на уставноста ја поднеле фирмите ДПТУ УПМ-ГРУП ДООЕЛ Куманово, ТДВНППУ ХРОМАК Емил ДООЕЛ увоз – извоз Куманово, застапувани од адвокатите Виктор Божиновски и Борче Ивановски, двајцата од Куманово.
Сопствениците на парцелата каде што е суспендиран ДУП-от истовремено имаат поднесено кривична пријава против градоначалникот Максим Димитриевски, заради злоупотреба на службената положба, како и тужба за нанесена штета против Општина Куманово.
Суспензијата на ДУП-от од мнозинството на Советот на Општина Куманово беше донесена под образложение дека е загрозен јавниот интерес, иако само пред 18 месеци ДУП-от бил изгласан од истите советниците без никакви забелешки. Тогаш советниците од опозицијата обвинија дека градоначалникот се пресметува со инвеститорите од политички причини, а штетата од неразумните одлуки ќе ги праќаат граѓаните.