×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Уставниот суд поведе постапка за одлуката на Советот на Општина Куманово ретроактивно да го намали процентот на искористеност на земјиштето за градба

    20.12.2022 15:13 | Сузана Николиќ

    Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на општина Куманово од јули 2022 година со којашто се овозможува градење станбени згради надвор од централното градско подрачје.

    Уставниот суд поведе постапка за одлуката на Советот на Општина Куманово ретроактивно да го намали процентот на искористеност на земјиштето за градба


    Станува збор за одлука која Советот ја донесе во јули годинава, а со која се намалува процентот на искористеност на земјиштето за изградба на висококатници во Куманово од 50 на 30 отсто, која требаше да се применува ретроактивно и на започнати постапки. 

    „За овој предмет Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка со што изрази сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката донесена од Советот на општина Куманово. Имено, Уставниот суд оцени дека со Одлуката директно се влијае на веќе започнатите постапки за добивање на одобрение за градење и се наметнува обврска на граѓаните кои имаат започнати постапки, а не добиле потврда за заверка на проектната документација, повторно од почеток да ја почнат постапката. Уставниот суд смета дека ова води кон правна несигурност, а граѓаните се соочуваат со тешко отстранливи последици“, информираа од Уставниот суд.

    Поради ова Уставниот суд одлучи да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука.  

    Иницијативата за преиспитување на одлуката пред Уставен суд ја поднесоа две градежни фирми, преку полномошниците Виктор Божиновски и Борче Ивановски,и според нив спорни се членовите 1, 2, 3 и членот 6 став 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4 од 12 јули 2022 година. 

    „Поднесителите наведуваат дека оспорените одредби се споротивни на членот 52 став 4 од Уставот кој предвидува дека законите и другите прописи не смеат да имаат повратно дејство, освен кога е поповолно во граѓаните, а тоа е исклучок. Имено, се наведува дека се прави примена на одредба врз веќе донесени урбанистички планови, која има повратно дејство и дополнително со нејзината содржина се ограничуваат одредени права на граѓаните. Конретно со додавање на нов член 2-а Советот на Општина Куманово без да има законски основ врши директно влијание врз веќе започнати постапки за добивање на одобрение за градење, кои се почнати на основа на важечки урбанистички планови и со тоа се менува нивниот тек кој натаму ќе резултира со нивно одбивање“, се наведува во иницијативата до Уставниот суд. 

     

    Предлогот за изменување и дополнување на одлуката за спроведување и планирање на површини за градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централно градско подрачје во границата на градежен реон Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски го бранеше со потребата конечно да се стави ред во урбаното планирање особено во делови на градот каде што досега на мали површини се граделе големи згради без соодветна подземна инфраструктура и паркинг места, а не се водела сметка ни за естетскиот и хуманиот аспект за живеење.

    Наспроти ова опозицијата во Советот се спротивставуваше на одлуката и тврдеше дека со неа се крши законот, бидејќи не може ретроактивно да се донесува одлука, која се коси со Законот за урбанистичко планирање, туку дека таа е параван за пресметка со некои инвеститори.