Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Едно лице загина вчера откако било удрено од автомобил на магистралниот пат Куманово - Крива Паланка, во населбата Карпош.
Сообраќајната несреќа се случила попладне околу 17 часот.
„На магистрален пат Куманово - Крива Паланка се случила сообраќајна незгода кога возило "пасат" со српски регистарски ознаки управувано од В.Б.(47) од Република Србија удрило во пешак Б.Д.(64) од село Облавце. Во незгодата пешакот загинал на лице место, а увид извршила екипа од СВР Куманово“, соопшти МВР.
Од станицата за Итна помош во Куманово информираат дека во 17. 15 часот во нас.Карпош биле на интервенција на сообраќајната незгода на магистралниот пат.
Пред неполн месец, поточно на 3 октомври околу 21.30 часот на истото место малолетник загина, а 16-годишниот возач се здоби со сериозни повреди додека се возеле на мотоцикл „јамаха“, откако биле удрени од возило „бмв“ со албански национални ознаки, управувано од И.Б.(37) од Скопје.
Магистралниот пат е црна точка и за возачите и пешаците во населбата Карпош, бидејќи се вози брзо, а нема надвозник, ниту заштитна ограда. Покрај патот има куќи, стопански објекти, ресторани, улици кои на диво се приклучуваат на патот и тоа ја загрозува безбедноста во сообраќајот.
(фото. архива)