Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Три клупи се скршени и фрлени во реката Липковка покрај Стариот градски парк во Куманово. Вандализмот го забележеле вработените во ЈП „Чистота и зеленило“ вчера наутро при извршување на редовните работни обврски.
Оваа појава се повторува во континуитет, па несовесното однесување на поедини граѓани не само што претставува сериозен проблем за заедницата и ги зголемува трошоците за одржување, туку и негативно влијае врз сите корисници на паркот.
„Мора да се најдат и санкционираат сторителите, мора да се изнајде решение за овој веќе хроничен проблем. Нека се постават камери, нека се зголеми полициското присуство или комунална инспекција во паркот. Мора да има сериозни казни, и парични и затворски, или пак вршење на општествено корисна работа, било што, само да се спречи ова појава во иднина. Никако не ми е јасно кој би можел да е толку душман на својот град и своите сограѓани’, истакнува Ненад Стојановски, директор на „Чистота и зеленило“.
Тој додава дека досега имало најмалку десет случаи се оштетување на бетонските клупи, кои се тешки, најмалку по 180 килограми. За да се померат мора да се соберат најмалку 4-5 души. Урбаната опрема ја набавува Општина Куманово, и според тендерската документација само клупите чинат 14.600 денари, и дополнителни 2.100 денари за нивна монтажа.
Минатата недела беше извадена клупа која беше фрлена пред неколку месеци во речното корито на Липковка кај Градскиот парк.
Граѓаните се револтирани што со години наназад се уништува јавното добро, нема ниту една казна за сторителите.