×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Валавица, стара повеќе од еден век, се уште вала јамболии (видео)

    17.11.2021 07:04 | Жаклина Цветковска

    Силниот шум на водовртежот на старата валавица во кривопаланечкото село Станци се уште ги вала јамболиите и ја раскажува приказната за занаетот, кој со децении се пренесува од колено на колено.

    Валавица е стара повеќе од еден век и е една од последните во земјава, која на природен начин и со употреба на исклучиво природни материјали ги обновува куќните прекривки.

    Семејниот занает во валавицата го продолжува 55-годишниот Томе Јакимовски, кој е најзаслужен што таа се уште функционира.

    „Претците, како настанувале, така ја обновувале валавицата, дедо ми Благоја, татко ми Владимир, еве сега јас продолжувам да ја одржувам традицијата“, вели Јакимовски.

    Валањето на јаболиите и чергите, изработени од природна волна, во валавици се дел од културното наследство, кое денес ретко се среќава.

    Јакимовски се сеќава на времето кога доаѓале бројни жители од кривопаланечко и поширко во нивната валавица.

    „Како дете, се сеќавам како се носеа јамболии на коњи. Имаше од сите села паланечки, има доаѓано, доаѓаа и од град, од сите страни се собираа“, се сеќава валавичарот.

    Во него не згаснува желбата да го спаси занаетот од изумирање, кој е во неговото семејство со генерации. Објаснува дека ова е мокра валавица, а дека порано постоеле и суви валавици наменети исклучиво за валање на клашни.

    Тој ни го објаснува и целиот процес на валање.

    „Основно е да има вада, а водата доаѓа од самата река. Потоа, потребно е скеле каде треба да се стави коруба. Скелето се прави со камења, ѕидано е, што јасу сум го обновувал и правел кога имав 26 години, а сега имам 54-55 години. Самата коруба е од чиста бука и треба да биде изжлебана, направена така за да може водата да се движи по неа. Понатаму, потрени се даски од 2-2 и пол метри длабочина, во самото корито каде што се перат јамболиите, се ставаат и водата ги врти“, објаснува Јакимовски.

    При валањето и перењето на јамболиите, чергите и кебињата, Томе не користи никакви детергенти. Вели се е природно, а за да се испере една јамболија потребни се од 2-3 часа.

    „Се е чисто природно, може да се мешаат и бели и црвени јамболии, не е битно, бојата нема да пушти. Но, кога ќе се стават на тезгалот, каде што се цедат, тука не смеат да се допираат јамболиите. Ако се црвена и бела мора да се
    поотстрана, инаку доаѓа до „м`стење“. А во самото перење тоа не се случува“, вели Томе.

    Тој, исто така, кажува дека валањето, иако изгледа едноставно, сепак е тежок занает.

    „Дојде еден мој колега од угостителството, мисли лесен е занаетот и вели чекај да ја извадам јамболијата. Почна да ја влече и да ја вади од коритото со водата, се сврте и ми вели „ А, бе, Томче, ова многу тешко било“. Како бе
    тешко? Секоја чест како ова го работиш ми вели, а тој поголем од мене уште 50 см“, раскажува Јакимовски.

    Во работата му помага сопругата Јасминка, како и помалиот син Антонио, кој добро го разбира занаетот и знае не само да вала, туку и да направи валавица. Верува дека тој ќе го продолжи занаетот. Поголемиот Дарко засега не пројавува интерес.

    Но, од овој занает не може да се заработува. Томе вели дека тоа е само така, за атракција, да дојдат луѓето, да ги доведат децата да видат што е валавица.

    „Од ова не може да се заработи, верувајте. Ова е само за на око. Ќе дојде народ, ќе гледаат на ова како атракција, ќе седнат тука, ќе уживаат, особено во време на летен период. Водата им шумоли, има некој привлечен звук за да
    дојдат и да уживаат. И температурата ако во Скопје е 40, овде е само 18-20 степени“, кажува валавичарот Томе.

    Од државата и општината досега не добил никаква помош за зачувување на ова културно наследство, а заради новиот водозафат на Станечка Река вели дека морала да престане со работа во семејната воденица.

    „Земаа вода, без да имаме некоја согласност или договор кога треба да ја пуштат или било што. Значи, директно заминува реката покрај нас, во цевки. Летоска дури е толку мала да не може човек, ниту дете да ја прешлапа“.

    Го прашавме дали е подобро јамболиите да се перат на ваков природен начин, а тој ни одговори:

    „Па јас не знам дека има машини за перење јамболии, дека измислиле такви. Од времето јамболијата се пере во валавица. Некои ги перат на машини за теписони, јас мислам дека таму е само да пројде вода, ништо друго“.

    Во Македонија има се помалку валавици, но и нема ниту јамболии како некогаш, кои секојдневно се валале во бројните валавици.
     

    Валавица, стара повеќе од еден век, се уште вала јамболии (видео)