Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
( реакција на отпуштените работнички од Центарот за социјални работи на изјавата на пратеникот Петар Поп Арсов во текстот „ВМРО-ДПМНЕ не прави списоци за вработување„)
Размислуваме и никако да сфатиме зошто некој, кој е на власт во државата, кога моќта и законите се во негови раце, нема доблест да застане зад она што го направил. Посебно сме изненадени што и пратеникот Петар Поп Арсов ја нема таа доблест, туку напаѓа и дава неточни квалификации за луѓе кои воопшто не ги познава. Во својата изјава за медиумите признава дека сме нивни членови, за разлика од некои други што се правеа дека не се запознаени со тој факт, и не слушнале за нашиот проблем. Еве уште еднаш ќе кажеме: Да навистина сме ваши членови од 2008 година, кога ни беше кажано дека мора да се зачлениме во ВМРО-ДПМНЕ за да ги задржиме работните места. И незнам колку пати ни беше дадено до знаење дека само со Ваша добра воља сме останале на тие работни места. Бевме Ваши членови само на хартија, која ја скинавте прецртувајќи ги нашите имиња кога ги видовте на списокот, а која требаше да ни ги трансформира решенијата од определено на неопределено време.
Би сакале да ни одговорите на кој начин оценивте какви работници сме ние, кога нашите работни задачи немале никакви допирни точки и професионално не сме соработувале? И зошто Вие давате оценка за нашата стручност, па нели немало партиски вработувања? Можеби информацијата ја добивте од вашите сопартијци кои ги доведовте во 2008 година? Тие што до последниот ден додека не избркавте од работа, со едно исто досие доаѓаа по трипати да не прашаат што и како треба да работат. Без пардон посегнавте и кај децата со посебни потреби, и ги тргнавте тие на кои беа навикнати, кои несебично се грижеа за нив. Зар Вашата вработена не ви кажа дека нивните родители пишувале петиција за наше враќање. Со сета почит господине Поп Арсов, но за лош работник никој не би го направил тоа. Ние го заслуживме тоа,бидејќи не земавме боледување затоа што не ни одговара работата.
Во Вашата изјава се правдате дека за вработувањата решавал менаџерскиот тим. Да беше тоа вистина ние ќе останевме на своите работни места. За поминати од 6 до 14 години, ни се сменија неколку директори и сите беа задоволни од нашата работа. Да не беше така зарем ќе не задржеа на работа. Од сите бевме оценети како добри работници, поради тоа и ни даваа одговорни работи, не назначуваа за раководители на тимови, не испраќаа на усовршување кои со успех ги завршувавме.
Единствено каде што не задоволивме е Вашиот „менаџерски„ тим во општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Со сопствени очи видивме кој и кога го донесе списокот, и место нас ги ставивте вашите роднини и пријатели. Како ли единствено тие излегоа најспособни и најквалификувани?
Велите дека ќе се вработиме во некоја друга институција, па зошто тогаш Вашите луѓе не ги оставивте за некоја друга установа или некој друг конкурс, а нас да не оставевте да си ја вршиме својата работа како и досега совесно и чесно.
Отпуштени работнички од Центарот за социјални работи Куманово