Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Се е совршено. Македонското општество постојано бележи подобрувања и константен напредок во сите области, секојдевно ни соопштуваат најпопуларните медиуми, изминатите 10-тина години.
Меѓутоа кога ќе го изгасиме нашиот ТВ приемник, се соочуваме со тешкото македонско секојдневие. Таму каде што медиумите во одбрана на одредени интереси на поединци, ставаат розови наочари врз очите на граѓаните, цветот на демократијата не цути. Движејќи се низ македонското организирано општество, индивидуата, се губи самата себеси по патот за развивање на својата личност, идеологија итн.
Како средношколец, најзасегнат сум од прашањето за образованието, кое се соочува со огромни проблеми. И, кое што уште повеќе се затрупува во нови проблеми со спроведување на научно-непоткованите или недоволно прилагодени(за досегашниот начин на работа), реформи. Образовните институции, ја игнорираат појавата на одбивност на учениците кон училиштето, како општо-прифатена, занемарлива и неопасна појава. Меѓутоа ученикот е демотивиран да посетува настава, бидејќи во нашиот образовен систем е оневозможено истакнување на поединец во одредена област, и негово понатамошно развивање во насоката за која што покажува афинитет и потенцијал. Потенцијалот на ученикот е заробен во опсегот на оценките. Со реализирање на одреден наставен план, ученикот добива соодветна оценка, и тука завршува неговото подлабоко развивање во тој домен, иако покажал афинитет и талент за тоа. Оваа состојба може да се надмине, само доколку се даде поголема слобода на професорите да ја оформат својата програма во контекст на предвиденото градиво за таа година. Со административните обврски, наметнати од Владата наставниците го изгубија времето за реализирање на наставната програма, а камо- ли за препознавање и насочување на потенцијали по нивниот предмет.
Учениците не треба да се присилуваат на читање одредена литература, туку треба да им биде понуден спектар на книги од кои тие треба да бираат кои да ги обработат самостојно, со одредени насочувања од страна на наставникот, за да се развие креативноста, иновативноста и критичкото мислење кај учениците. Училишните лектири да обработуваат секаков вид материја( пр.стручни книги по историја, физика, социологија и т.н), не само уметничка литература како во досегашната практика. Да се вреднуваат и ценат одлуките на ученикот, со што учениците ќе стекнат одговорност за одлуките кои ги донесуваат.
Треба да се тежнее кон формирање на опремени секции и клубови во училиштата, кои што се занемарени, уште во основното образование. Поради што се јавува зголемен број на неопределени ученици, кои своето понатамошно образование го насочуваат кон гимназиите, со што вредноста на гимназиското образование, и самата титула на гимназијалец опадна. А се јавува намален број на стручно оспособен кадар, стекнат во средните стручни училишта. Потоа имаме зголемен број на студенти, кои по дипломирањето остануваат на улица, поради дефицитот на работни места.
Наставата треба да биде повеќе визуелна. Запознавајќи се со апстракната теорија, на предметите кои ги изучуваме, стекнуваме чувство како да се запознаваме со правила на некоја бесмислена игра, за која никој не е заинтересиран, И КОЈА НИКОЈ НЕМА ДА ЗНАЕ КАКО ДА ЈАПРИМЕНИ. Многу полесно ќе ги научиме и сфатиме хемиските реакции, доколку тие бидат изведени пред наши очи, во соодветни услови. Или многу полесно ќе го разбереме струјното коло, ако пред нас се наоѓа едно просто струјно коло. Наместо големите средства што ги потрошивладата за пропаднатиот проект со неквалитетни компјутери, или за пренатрушување на главниот град со што треба и со што не треба, можеби поумно ќе беше да се вложи во образованието, да се овозможат училишни лабаратории и друг вид на опрема, за визуелна, практична воопштопоквалитетна настава.
Чекајќи да завршат часовите, ние заборавивме дека сме Македонци. Мојата професорка по македонски јазик вели: “Како да предавам на деца на странски дипломати”, толку малку знаеме за нашето културно богатство, нашата историја, географски одлики и така натаму. Во наставата не е доволно потенциран македонскиот идентитет, кој што образовните власти би требало да го вкоренат што подлабоко во свеста на секој граѓанин, уште од најраните времиња на неговото образование, за да ја зацврстиме македонската национална свест во идните генерации.
Не ни е потребно религиско образование. Оставете секој поединец да го стекне своето верување сам, под влијание на семејството и околината, според начинот на традицијата. Уште од најраниот стадиум на образование (3-то, 4-то одделение) треба да се воведе етичкото образование, кое ќе создаде свесни, и совесни граѓани, свесни за колективните вредности инорми но и квалитетни личности кои ќе поставуваат високи индивидуални цели. Луѓе, кои ќе ја љубат и штитат татковината, природата и луѓето.
Никола Крстевски, ученик Гимназија “Гоце Делчев” - Куманово